/ Прочитано:

950

Поради aферата „Млеко“ можна реконструкција во Владата на Србија

Вторник, 5 март 2013 – Потпретседател на Владата на Србија, Александар Вучиќ за денеска најави дека ќе бидат сменети најмалку четворица функционери „поради непосредна одговорност и недејствување“ во аферата „Млеко“, пишува „Блиц“. 

Како што синоќа соопшти српскиот вицепремиер, разрешен ќе биде Јан Бочански, директорот на Управата за заштита на растенијата, Иван Сочо, директор на Управата за ветеринарство, Слаѓана Лукиќ, шеф на Одделот за здравје на растенијата и Слободан Владиќ, началник на Одделението за фитосанитарна инспекција.  По однос на министерот за земјоделие Горан Кнежевиќ, Вучиќ изјави дека тој нема да биде сменет до 15. март, кога врвот на партијата треба да ја анализира работата на сите министри од редовите на Српската напредна партија. 

„Кнежевиќ беше коректен и понуди оставка не поради субјективна, туку поради објективна одговорност“, изјави Вучиќ додавајќи дека на министерот за земјоделие му замерил што ја подигнал границата на афлатоксин од 0,005 на 0,5 микрограми по килограм и најави дека таа ќе биде вратена на претходното ниво. „Ние анализиравме што се случило и утврдивме дека се работи за пропуст на државните органи. Не беше загрозен ничив живот, меѓутоа постојат сериозни пропусти“, истакна Вучиќ.

Според пишувањето „Блиц“ , Вучиќ најавил дека на премиерот Ивица Дачиќ ќе му предложи да се изврши реконструкција на владата, а не ја исклучил ниту можноста да се оддржат превремени избори, откако ЕУ ќе одлучи дали на Србија ќе и додели датум за почеток на преговори.