/ Прочитано:

1.151

Поради големиот интерес, Академик одржа уште една обука за новите ЕУ-правила за заштита на личните податоци

Пред бројните учесници на обуката се говореше за правната рамка за заштита на личните податоци, за обработката на личните податоци, за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци, со посебен осврт на Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија (ЕУ).

Предавач на обуката беше Игор Кузевски, генерален секретар во Дирекцијата за заштита на личните податоци, автор на книгата „Прирачник за заштита на личните податоци – практичен водич“, во издание на Академик.

Кузевски посочи дека е изработен работен текст на новиот Закон за заштита на личните податоци со цел навремено и целосно усогласување на законодавството на Република Македонија во областа на заштитата на личните податоци со правото на Европската Унија.

Преку ваквиот реформски процес на македонското законодавство во областа на заштитата на личните податоци ќе се имплементираат решенијата содржани во Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија (ЕУ) 2016/679, која е донесена на 27 април 2016 година, а ќе започне да се применува од 25 мај 2018 година.

Со Регулативата се воведуваат повеќе новини, а како позначајни решенија се: т.н. право да се биде заборавен, правото на преносливост на податоците, уредувањето на профилирањето во врска со донесувањето на поединечни одлуки, проценка на влијанието при обработка на личните податоци, известување за нарушување на безбедноста на личните податоци, заеднички корпоративни правила, како и техничка и интегрирана заштита на личните податоци.

Учесниците на обуката добија можност да го набават најновото издание на Академик „Прирачник за заштита на личните податоци – практичен водич“, за кое велат дека на мошне јасен и систематизиран начин ги опфаќа прашањата од областа на заштитата на личните податоци. Исто така, учесниците истакнаа дека обуката заслужува само пофални зборови од аспект на нејзината организација и од аспект на одличното предавање на Кузевски.

„Многу е важно што на оваа обука се говореше за новините за заштита на личните податоци во корелација со примената на законските решенија. На тој начин благовремено се запознавме со реформскиот процес, но и ги расчистивме дилемите што се наметнуваат во практиката. Предавањето на Кузевски беше одлично, со бројни практични примери и со појаснувања на сите прашања од доменот на заштитата на личните податоци“, коментираа учесниците на обуката, кои во голем број доаѓаат од ИТ-секторот, енергетскиот сектор, финансискиот сектор, адвокатурата, здравствените и образовните институции.