/ Прочитано:

2.239

Поради стравот од добивање отказ, се молчи за кршењето на работничките права

Денес, во ЕУ Инфоцентарот, во рамките на националната кампања „365 работнички права за младите“ се организираше панел-дискусија на тема „Колку се почитуваат работничките права на младите?”.

За моменталните состојби и текови за почитувањето на работничките права со фокус на младите работници на настанот дискутираа претставници на институции, граѓански организации, бизнис-секторот и млади. Воедно, на панел-дискусијата беа презентирани наодите од анкетата „Колку младите ги познаваат своите работнички права?“.

„Состојбата во која се наоѓаат младите вработени во Македонија е загрижувачка, односно загрижува фактот на непочитување на нивните работнички права. Резултатите од онлајн истражувањето, спроведено од 15 јануари досега, укажуваат дека 75 проценти од вкупно анкетираните 1.239 испитаници сметаат дека работничките права се напишани само на хартија, а 57 проценти се плашат да пријават какво било прекршување од две причини: да не бидат избркани од работа и поради тоа што сите други вработени молчат. Овие факти покажуваат дека состојбата со вработените млади луѓе во Македонија е загрижувачка и она што треба да се направи е системско решение преку кое ќе се заштитат работничките права и работодавачите ќе бидат помотивирани да го отворат процесот и да ги едуцираат идните вработени во однос на нивните права кои им се загарантирани со Законот“, изјави извршниот директор на Коалицијата „СЕГА“, Зоран Илиески.

„Државниот инспекторат за труд врши повеќе од 30.000 инспекциски надзори на годишно ниво во врска со остварувањето на правата на работниците од работните односи, безбедност и здравје при работа. Инспекторатот во континуитет врши надзор на работата и придонесува кон подобрување на социјално-економските паралели во државата. Преку оваа кампања Државниот инспекторат за труд ќе дејствува во насока на информирање и запознавање на младите со честите случаи со кои се соочуваат младите работници“, посочи Алјадин Хавзиу, директор на ДИТ.

„Правата на младите се кршат фрапантно, па од таа причина се залагавме за спроведување на кампањата ‘365 работнички права за млади’, во партнерство со невладиниот сектор и со институциите. Ги покануваме младите поактивно да се вклучуваат во синдикатите со цел поголемо информирање и гарантирање на нивните работнички права“, истакна Благоја Ралповски, претседател на КСС.

На денешниот настан панелисти беа и Александра Дичевска, претставник на Агенцијата за млади и спорт, Емил Крстановски, национален координатор на Меѓународната организација на труд во Македонија, Анета Баснарков, адвокат и Марјан Алексовски, директор на Факултети.мк.

Од 1 јануари 2018 година, Коалицијата на младински организации „СЕГА“, преку младинските информативни центри „ИНФО СЕГА“ од Прилеп и Кавадарци, и во соработка со Факултети.мк и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија ја отпочна националната кампања „365 работнички права за младите“. Целта на кампањата е да се подигне свеста кај младите за нивните работнички права кои им се загарантирани во согласност со Законот за работните односи.

Кампањата „365 работнички права на младите” се спроведува со поддршка на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу регионот Нормандија и Македонија, Државниот инспекторат за труд и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. Овој настан е поддржан од Mеѓународната организација на трудот (International Labor organization).

M.В