Поранешен припадник на ОНА е пронајден мртов во штипскиот затвор
Среда, 3 октомври 2012 – Ибраим Сулејмани, поранешен командант на ОНА и осуденик на 15 години затворска казна, изутринава е пронајден мртов во својата ќелија во штипскиот затвор. Според првичните информации од медицинската екипа која што вршела увид на лице место, Сулејмани починал од природна смрт без никакви траги од насилство, телото е дадено на обдукција.
При рутинска проверка на осудениците во штипскиот затвор, пронајдено е безживотното тело на поранешниот командант на ОНА, Ибраим Сулејмани. Веднаш била повикана екипа на Брза Помош, МВР, Истражен судија и Јавен обвинител, па според нивните сознанија, Сулејмани починал од природна смрт. На неговото тело немало траги од насилство, но сепак се уште не се објавени резултатите од обдукцијата.
Ибраим Сулејмани е осуден за воени злосторство против цивилното население и за потготвување на тероризам од 2001 година. Досега одлежал 4,5 години затвор од вкупната пропишана казна.
Доцна попладнето од Министерството за правда излегоа со соопштение во врска со кривичните дела за кои Сулејмани издржувал 15 годишна затворска казна.
„Министерството за правда известува дека сега веќе починатиот Ибрахим Сулејмани е ослободен од обвинувањата за воени злосторства во согласност со Законот за амнестија и автентичното интерпретирање на истоимениот закон од страна на Собранието на Република Македонија, врз основа на одлуката на Основниот суд Тетово КУИКП бр. 117/03, донесена на 9 септември 2011 год. По барање на починатиот, другите негови кривични дела се ставени под едно обвинение со обвинението за воени злосторства и постапката беше во тек за посебно делење на кривичните дела на покојниот“, се наведува во соопштението од Министерството за правда.