/ Прочитано:

1.639

Поранешниот директор на ФЗОМ, Ѓорги Тренковски и управителката на ПЗУ Градски аптеки, Весна Огненовски добија ослободителна пресуда

Вторник, 16 октомври 2012 – Судот одлучи, поранешниот директор на Фондот на здравственото осигурување на Македонија (ФЗОМ), Ѓорги Тренковски и управителката на ПЗУ Градски аптеки, Весна Огненовска, не сториле злоупотреба на службената положба, ниту двојно наплаќале едни исти лекови.

Според вештиот наод се утврдило дека Тренковски воопшто не вршел плаќања, ниту имало двојно плаќање како што тоа го тврдеше Обвинителството. Поранешниот директор на ФЗОМ и поранешната управителка на Градски аптеки уште во ноември 2009 година беа обвинети за несовесно работење и за злоупотреба на службената положба. 

Бранителите на обвинетите задоволни од целата судска постапка што според нив судијата ја водел коректно. 

Во текот на судскиот процес, Тренковски тврдеше дека во ниту еден момент како директор на Фондот нема контакт со должничко-доверителските односи со која било аптека, туку тоа е во надлежност на подрачната единица на Фондот за здравство.

Според наводите во обвинението тие уште во 2007 година соработувале и ја злоупотребиле својата службена положба со цел да прибават противправна имотна корист. Обвинителството тврдеше дека Тренковски во два наврати платил за исти лекови, а сето тоа наводно било договорено со Огненовска, при што буџетот на Градски аптеки се дополнил со 450.000 евра. Првата исплата се случило пред приватизацијата на Градски аптеки, а втората по приватизацијата, стои во обвинението за овој предмет. 

При нивното апсење на 2 ноември 2009 година на Тренковски и Огненовска им беше одреден притвор од 15 дена. Судскиот процес по неколку одложувања конечно започна на 23 декември 2010 година.