/ Прочитано:

1.171

Поранешниот гувернер на НБС под истрага за српската „Агробанка“

Понеделник, 13 август 2012 – Неизвесно е дали поранешниот гувернер на српската Народна банка (НБС) Дејан Шошкиќ ќе биде уапсен поради проневерените 300 милиони евра во случајот „Агробанка“. Специјалното одделение при Врховниот суд во Белград оваа недела ќе ги сослуша сведоците во овој случај. Станува збор за истрага која се води против 8 лица кои се под сомнение дека давале и земале кредити без соодветни гаранции. Со нивна помош, приватни фирми наводно заработиле 5 милиони евра.

Српското министерство за внатрешни работи (МУП) преку српските медиуми најавува проширување на истрагата за овој случај. Освен одобрувањето на кредити, МУП ќе ја истражува одговорноста на сите инволвирани странки, особено на оние кои според нив мора да знаеле што се случува во банката. Полицијата ќе ја проверува Народната банка на Република Србија (НБС), членовите на управниот и надзорниот одбор на „Агробанка“.

Од српското обвинителство зависи судбината на поранешниот гувернер

Во времето за кое полицијата сомничи осуммина дека направиле криминал во „Агробанка“, на чело на НБС бил Дејан Шошкиќ. Српските медиуми пренесуваат дека минатата година полицијата побарала од НБС извештај за контролата на работењето на Агробанка, но од oттаму ги одбиле со образложение дека станува збор за службена тајна.

Засега српските медиуми пишуваат за неизвесноста дали истрагата ќе го заобиколи поранешниот гувернер или Шошкиќ ќе биде обвинет за финансискиот криминал во „Агробанка“. Српската полиција информира дека истрагата сега е во рацете на обвинителството, од нив зависи судбината на гувернерот.

Случај „Агробанка“

Загубата од 300 милиони евра на „Агробанка“ настанала поради големите долгови на должници кои не ги враќале, а претходното раководство им ги одобрувало без обезбедена гаранција. Имотите на должниците често се проценувале со нереална вредност. Медиумите ова го наведуваат како главна причина за пропастот на банката, која одобрувала нереални хипотекарни кредити.

Во моментот кога „Агробанка“ банкротирала, 165.367 граѓани имале штедни книшки, додека 4.872 фирми работеле со трансакциски сметки  преку оваа банка.  Агробанка воскресна, а со тоа не пропаднаа ниту штедните книшки на граѓаните.

Нова „Агробанка“

Државата со сопствен капитал на 26 мај оваа година ја основала новата „Агробанка“, додека на старата, НБС и ја одземала дозволата за работа. Акционерите и доверителите на старата банка преку стечајната постапка треба да си ги покријат загубите. Колкава сума ќе добијат се уште не е познато бидејќи тие се последни на списокот за исплата. Група акционери од Европската унија јавно проговориле за историската шанса на Србија преку случајот „Агробанка“ да покаже дека во земјата не псотои ризик и несигурност за странските инвеститори.