/ Прочитано:

3.389

Поранешниот претседател на Кривичниот суд осуден за вршење мобинг

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, е осуден за вршење мобинг. Пресудата ја донесе Основниот суд Скопје 2 по тужбата на Стаменковски против Панчевски.

„Tужбеното барање на тужителот, делумно се усвојува. Се утврдува дека тужениот сторил мобинг врз тужителот. Во делот од тужбеното барање со кој тужителот бара да му се забрани на тужениот во иднина да врши мобинг врз
тужителот се одбива како неосновано“, велат од Основниот суд Скопје 2

Горан Стаменковски е поранешен раководител на секторот за човечки ресурси во Кривичниот суд. Во неговата тужба е наведено дека Панчевски во подолг временски период го прераспоредувал Стаменковски на други работни позиции, го казнувал, а тужителот морал и да исполни норма која не постои во практиката на Судот.

Во Законот за заштита од вознемирување на работно место се пропишува дека е забранет кој било вид вознемирување на работно место, како и злоупотреба на правата на заштита од вознемирување на работно место. Психичко вознемирување на работно место, во смисла на овој закон, е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, кое претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

М.В