/ Прочитано:

4.306

Пораст на бројот на жалби од административните службеници поднесени против решенијата за утврдување на плата

Во текот на изминатата 2016 година, забележан е пораст на пристигнати жалби/приговори од административните службеници поднесени против решенијата за утврдување на плата, се вели во Годишниот извештај за работата на Агенцијата за aдминистрација за 2016 година.

Во Годишниот извештај во врска со постапувањето по жалби и приговори на административните службеници во втор степен се нагласува дека една од клучните надлежности на Агенцијата е постапувањето по жалби и приговори на административните службеници, изјавени против акти донесени од страна на првостепените органи.

Оваа надлежност Агенцијата за администрација ја остварува преку Комисијата на Агенцијата за одлучување по жалби и приговори на административните службеници во втор степен.

Во периодот од 1.1.2016 година до 31.12.2016 година, Комисијата на Агенцијата одржала вкупно 85 седници. Во овој период до Комисијата на Агенцијата биле поднесени вкупно 730 жалби/приговори од страна на административните службеници од кои се решени 712.

Од страна на државните службеници биле поднесени вкпно 651 жалбa/приговор од кои се решени 635, и тоа по следниве основи: дисциплински престап: вкупно 44, од кои уважени 20, одбиени 20, отфрлени 2,  повлечена од подносител 1  и  мериторно уважена 1; дисциплинска неуредност: вкупно 56 од кои 25 се уважени, одбиени 24, отфрлени 2, ненадлежност 1, мериторно уважени 3 и мериторно одбиена 1; престанок на вработување: вкупно 48, и тоа уважени 16, одбиени 17, отфрлени 5, повлечена од подносител 1 и мериторно уважени 9; оценување на државен службеник: вкупно 8 од кои уважени 4, одбиени 2, отфрлена 1 и отстапена 1; плата и надоместоци на плата: вкупно 336, и тоа уважени 190, одбиени 81, отфрлени 5, повлечена од подносител 2, мериторно уважени 24 и мериторно одбиени 34; распоредување на државен службеник: вкупно 117, од кои уважени 12, одбиени 92, oтфрлени 5, повлечена од подносител 1, ненадлежност 6 и мериторно уважена 1; суспензија: вкупно 1 и истата е одбиена; избор по оглас: вкупно 5 од кои уважени 3  и мериторно уважени 2; годишен одмор: вкупно 11 од кои уважена 1 и одбиени 10; права од ЗРО или друг посебен закон: вкупно 5, одбиени 2, отфрлена 1 и ненадлежност 2; решение за огласување на ништовност: вкупно 3 од кои одбиени 2 и отфрленa 1; враќање на работа по судска пресуда: 1 и истата е мериторно уважена.

„Во согласност со горенаведените статистички податоци произлегува дека во текот на изминатата 2016 година, забележан е пораст на пристигнати жалби/приговори од административните службеници поднесени против решенијата за утврдување на плата. Основот на жалбите е во однос на утврдувањето и исплатата на додатокот на плата за кариера и тоа вкупно 307 од кои 191 се уважени, 58 одбиени, 23 мериторно уважени, 32 мериторно одбиени, 2 отфрлени и 1 повлечена од подносителот. Имено, иако ова право административните службеници го имале стекнато во согласност со поранешниот Закон за државните службеници, тоа од страна на првостепените органи не им било утврдено или им било утврдено, но не им било исплатено“, се вели во Годишниот извештај на Агенцијата за администрација.

Комисијата на Агенцијата, постапувајќи по конкретните предмети, се вели во Извештајот, донесе одлуки во корист на подносителите на жалбите/приговорите, притоа имајќи ги предвид  пресудите од надлежните судови, како и членот 111 став (4) од Законот за административни службеници во согласност со кој:

На државниот службеник на кој до денот на влегувањето во сила на овој закон му се исплаќа додаток за степен на кариера во согласност со Законот за државните службеници, износот на додатокот за степен на кариера ќе му биде пресметан како дополнителни бодови во вредност на исплатениот додаток, во делот на плата за нивото од членот 87 став (3) од овој закон“.

Дополнително, се посочува во Извештајот, во текот на изминатата година, забележан е зголемен број и на жалби изјавени против решенија за распоредување, чиј пораст не се должи само на новодонесените правилници за систематизација на работните места во согласност со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, туку и на донесени решенија за распоредување со кои вработените во одредени институции за првпат се стекнале со статус на административен службеник.

За истиот период од страна на јавните службеници беа поднесени вкупно 79 жалби/приговори, од кои се решени 77 и тоа по следниве основи: дисциплински пpестап: вкупно 4, од кои уважени 2 и мериторно уважени 2; дисциплинска неуредност: вкупно 11, од кои 5 уважени, одбиени 2, отфрлени 2, ненадлежност 1 и мериторно уважена 1; престанок на вработувањето: вкупно 12, и тоа уважени 8, одбиени 4; оценување на јавен службеник: 1 и истата е уважена; плата и надоместоци на плата: вкупно 19, од кои уважени 4, одбиени 15; распоредување на државен службеник: вкупно 16, од кои уважени 3, одбиени 10, ненадлежност 2 и мериторно одбиена 1; суспензија: вкупно 3, од кои одбиени 2 и ненадлежност 1; избор по оглас: 1 и истата е отфрлена; стекнување на статус на административен  службеник: вкупно 7 и истите се одбиени; права од ЗРО или други посебни закони: вкупно 3, од кои одбиена 1 и ненадлежност 2.

„Од отпочнување со примената на Законот за административни службеници, на Комисијата на Агенцијата за првпат ѝ беше дадена можност самата да одлучува во случаи кога постапува по изјавена жалба против акт кој еднаш бил поништен и вратен на повторно решавање. Генерално согледување во однос на заштитата на правата на државните и јавните службеници е дека оваа законска новина придонесе да се намали времетраењето на постапките кои се однесуваат на заштитата на правата и обврските од службеничкиот однос“, истакнуваат од Агенцијата за администрација.

М.В