/ Прочитано:

1.542

Посебните закони за еднакви плати на мажите и жените – силна порака во современите општества

Неодамна Исланд стана првата држава која донесе посебен закон за еднакви плати на мажите и жените. Според Законот, јавните и приватните претпријатија се обврзани на работниците да им исплаќаат еднакви плати за иста работа. Минатата година и Сојузната влада на Германија усвои законски мерки со кои компаниите ќе бидат принудени да бидат транспарентни за исплаќањето на платите на мажите и жените со цел да се надмине постојниот родов јаз во платите. Донесување посебен закон за еднакви плати на мажите и жените се иницира и во земјите од регионот. Вакви иницијативи постојат и во Македонија.

Прашање актуелно на глобален план

„Прашањето за еднаквото наградување на машкиот и женскиот труд е прашање што е актуелно децении наназад. Тоа не е нешто ново со кое се соочуваме, и како проблем е детектиран и на глобално и на локално ниво, особено во рамките на Европската Унија. Тоа е така бидејќи постои јаз помеѓу исплаќањето на машкиот и женскиот труд на глобално ниво и овој јаз статистички е докажан“, вели професорот по трудово и социјално право Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Тој упатува на бројните истражувања за оваа проблематика издвојувајќи го истражувањето спроведено во Велика Британија од 2015 година, според кое и во најразвиените европски економии постои јаз и нееднакво исплаќање на машкиот и женскиот труд според сите трудовоправни параметри. Секако, додава професорот, треба сериозно да се земат и показателите на регионалните и домашните истражувања кои упатуваат на исти сознанија.

Законските решенија во Македонија

„Овој проблем  е  глобален. Постои и во Германија, и во Канада, и во САД, и во Нов Зеланд. Како проблем е акцентиран и од страна на ЕУ. Оттука, ова прашање, кое е актуелно во светот, не ги одминува ниту регионот, ниту  Македонија, каде што исто така постои тој јаз. Но, од нормативен аспект треба да се напомене дека во Република Македонија постојат повеќе законски решенија што ја третираат оваа проблематика, како на пример Законот за работните односи, Законот за еднакви можности на жените и мажите и Законот за спречување и заштита од дискриминација“, образложува професорот Јовевски.

Законот за еднакви можности на жените и мажите, посочува Јовевски, укажува на тоа дека мора да постои еднаквост помеѓу машкиот и женскиот труд, и во вработувањето и во работниот однос, и како што прецизно дефинира овој закон тоа треба да се применува во јавниот и приватниот сектор. Иако овој закон не зборува конкретно за платите како општа одредба, укажува на еднаквоста во работниот однос, а тоа секако се однесува и на платите. Треба да се напомене, нагласува Јовевски, дека и според Законот за спречување и заштита од дискриминација нееднаквото третирање на жените и мажите во работата и во работниот однос се смета за дискриминација.

„Конкретното уредување на еднаквоста на платите и наградувањето го третира Законот за работни односи каде што се пропишува дека мора да постои еднакво плаќање на машкиот и женскиот труд, во спротивно ако има одредби во колективен договор и договор за вработување спротивни на овој законски императив, тие одредби се ништовни по сила на закон“, појаснува професорот Лазар Јовевски.

На проблемот треба да се гледа и од практичен и од социолошки аспект

Според професорот, Македонија има релативно добра рамка за еднакво плаќање на мажите и жените. Суштината на проблемот е, додава тој, во примената на законските решенија во практиката. Имаме практични проблеми во практиката бидејќи постои  јаз и разлика на платите и таа разлика се движи околу 12 % на повисоко плаќање на мажите отколку на жените.

„Сепак, на овие бројки треба да се гледа од аспект на активното барање работа и колку е жената активно вклучена во инклузијата на пазарот на трудот. Кога се говори за еднаквото плаќање, мора да се говори од аспект на реалното исплаќање, значи, зошто проблемот се појавува во практиката. На пример, Директивата на ЕУ за усогласување на професионалните и семејните обврски што како супсидијарна цел го има еднаквото плаќање на жените и мажите. Во таа смисла,  ова комплексно прашање не треба да се гледа само од нормативен аспект, туку и од социолошки, па и од културолошки аспект“, вели Јовески.

Она што е важно во носењето на еден закон кој би бил лекс специјалис, односно посебен закон, е тоа што тој ќе има првенствено цел да ја подигне свеста и да испрати силна порака дека државата зазема недвосмислен став дека треба да се работи на еднаквото плаќање на мажите и жените. Во таа смисла, современите тенденции за носење посебни закони за еднакви плати помеѓу мажите и жените треба да бидат општествена инспирација и мотив за доследно почитување на нормите за еднаквоста“, нагласува професорот Јовевски.

Јазот на платите бавно се намалува

И Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс тинк“, вели дека податоците покажуваат дека речиси секаде во светот жените заработуваат помалку од мажите. Она што е уште позначајно е дека многу бавно се намалува овој јаз. Во Македонија, додава Петрески, жените просечно земаат 12,5 % пониска плата од мажите, а разликата се зголемува и до 28,4 % кај лицата без образование или само со основно образование.

Зголемување на минималната плата, онлајн калкулатор на плати и задолжително приложување извештаи за еднакви плати се дел од мерките што ги предлага Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ за намалување на родовиот јаз во платите.

Работодавачите што плаќаат различни плати по родов основ, велат од Институтот, треба да се соочат со санкции и казни. Преку воведување задолжително приложување извештаи за еднакви плати,  образложуваат од Институтот за економски истражувања и политики, компаниите ќе бидат обврзани да приготват извештаи за приходот на своите вработени на секои две години. Извештаите мора да го прикажат бројот на мажи и жени во соодветната професија, нивните плати, просекот и медијаната на платите приспособени за работни часови.

Поттикнување на активноста на жените на пазарот на трудот

„Дел од мерките треба да бидат насочени токму кон поттикнување на активноста на жените на пазарот на трудот, кон надминување на стереотипите за машка и женска професија, а важна е и поддршката од семејството и од партнерот. Кога жената поактивно би се вклучила на пазарот на трудот, може да имаме поширок избор на понуда на пазарот. Жените не се со полоши карактеристики од мажите и не седат дома затоа што не се образовани или затоа што немаат добри карактеристики, туку напротив резултатите покажуваат дека се пообразовани, но поради одредени причини останеле неактивни. Преку нивната активација најпрво можеме да очекуваме поголема понуда на работна сила, а од друга страна и поквалитетна, и на тој начин да придонесеме за поттикнување на економскиот раст“, вели Петрески.

М.В