Посебно тело за евалуација ќе го контролира квалитетот во високото образование
Министерката Дескоска имаше воведно обраќање на Меѓународната конференција посветена на обезбедувањето квалитет во високото образование, односно воспоставување на критериуми и стандарди во согласност со европските регулативи: Кон одржлив модел на процесите за обезбедување на квалитет во високото образование. Настанот го организираше Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, во соработка со „Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации“.
Дескоска информираше дека е подготвен новиот Закон за високо образование и дека ќе биде објавен и на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи) до крајот на месецот, по што ќе следува јавна дебата за предлогот.
Во однос на обезбедувањето на квалитетот во високото образование, таа истакна дека се добиени голем број предлози од различни институции, универзитети, студенти и од Професорскиот пленум и дека од сите нив произлегол еден општ консензус дека Одборот за акредитација и евалуација треба да се подели на два дела – орган кој ќе акредитира програми и орган кој ќе ги евалуира тие програми.
„Потребно е да се стави посебен фокус на контрола на квалитетот во високото образование, па затоа предвидовме посебно тело кое исклучително ќе се грижи за почитување на договорените стандарди и квалитетот на високото образование. Одборот за акредитација и евалуација онака како што е сега поставен не дава можност за да се посвети доволно внимание на процесот на евалуација, односно мерење на квалитетот, туку повеќе е фокусиран на процесот на акредитација. Предвидена е поделба на Одборот на две тела – посебно тело за евалуација на квалитетот на високото образование и посебно тело за акредитација. На тој начин се обезбедува и контрола на акредитираните програми, со цел да се утврди дали акредитираните институции го обезбедуваат квалитетот што го предвиделе“, потенцираше Дескоска.
М.В