/ Прочитано:

1.928

Поштарите ќе доставуваат и изводи од матичната евиденција до домашната адреса на граѓаните

Жителите на Скопје од денеска на домашна адреса може да добијат изводи од матичната книга на родени и на венчани. Според постапката, граѓаните ќе треба да се регистираат на веб-страницата на Управата за водење на матичните книги (УВМК) или на нејзиниот е-портал uvmk.gov.mk, да пополнат барање и по уплата ќе добијат нотификација и време за испорака на документот на домашна адреса, истакна денеска директорот на  Управата за водење на матичните книги, Ѓоко Котевски, појаснувајќи дека првата достава на готов документ е веќе извршена во скопската населба Јане Сандански.

„Услугата на почеток ќе може да ја користат само граѓаните на Скопје, без разлика каде се родени, а наскоро ќе биде достапна и во сите градови во Македонија. Граѓаните може да аплицираат само за личен извод од матичната книга на родени или на венчани или за малолетно дете. При преземањето на документот на домашната адреса ќе мора да приложат личен документ за идентификација, за да ја подигнат пратката“, изјави Котевски.

„Размислуваме наскоро ваквата услуга да им биде достапна и на македонските граѓани кои живеат во странство. На сите граѓани кои ќе аплицираат во УВМК и ќе одлучат изводот да го добијат на домашна адреса, ќе им биде доставен од поштарите на Македонска пошта во рок не подолг од 72 часа по приемот. Документите ќе се доставуваат препорачано со повратница и ќе бидат следени преку системот на Македонска пошта за следење на пратките во внатрешниот поштенски сообраќај (tracking trace). Тоа ќе можат да го следат службите, но и граѓаните преку веб-страницата на Македонска пошта“, истакна директорот на Македонска пошта АД Скопје, Фадис Реџепи.

Минатиот месец од Управата за водење на матичните книги истакнаа дека граѓаните може барањата за издавање на изводи од матичната книга на родени да ги поднесуваат  и по електронски пат.

„Поднесувањето на барањето и електронското аплицирање мора да бидат лични. Барање може да поднесат физички и правни лица (адвокат, нотар и извршител)“, информираа од Управата за водење на матичните книги.

Граѓаните можат барањата за издавање на изводи од матичната книга на родени да ги поднесуваат  по електронски пат

М.В