Последиците предизвикани со Одлуката на Уставниот суд за укинување на членот 163 ставот 3 од Законот за банки по стечајната постапка за Еуростандард банка
По Одлуката на Уставниот суд за укинување на членот 163 ставот 3 од Законот за банки, актуелно прашање кое нашироко се коментира во јавноста е дали одлуката на Уставниот суд ќе има реперкусии врз стечајната постапка за Еуростандард банка, за која е отворен стечај на 14 август 2020 година со решение на Основниот граѓански суд Скопје. Патем, одлуката на Уставниот суд влезе во сила со објавувањето во „Службен весник“, што се случи на 8 јуни 2021 година, или неполни десет месеци од отворањето на стечајната постапка. Поради ваквата временска дискрепанца од денот на отворање на стечајната постапка (14 август 2020 година) до денот кога одлуката на Уставниот суд влезе во сила (8 јуни 2021 година), изнесени беа повеќе размислувања во однос на прашањето дали оваа одлука ќе ја засегне стечајната постапка за Еуростандард банка или ќе важи за некои идни стечаи на банки.
Прашањето за дејството на одлуките на Уставниот суд секогаш привлекува внимание, особено кај практичарите, кои преку своето работење треба да ја операционализираат секоја одлука на Уставниот суд, имајќи предвид дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и секој треба да ги почитува. Ваквото правно дејство на одлуките на Уставниот суд е јасно и неспорно. За да се одговори на прашањето какви реперкусии ќе предизвика Одлуката на Уставниот суд за укинување на членот 163 ставот 3 од Законот за банки, особено во поглед на стечајната постапка за Еуростандард банка, во начело треба да се има предвид временската примена на општите правни акти или Законот за банки, во овој случај.
Имено, укинувањето на општиот правен акт (законот, пропис или друг општ акт) во принцип значи дека од денот кога одлуката на Уставниот суд влегла во сила, па во иднина правниот акт што е укинат нема да се применува, но сето она што дотогаш било направено врз основа на укинатиот општ правен акт не подлежи на ништовност, односно укинувањето не може да предизвика по автоматизам ставање вон сила на поединечните акти донесени врз основа на укинатиот општ правен акт. Особено доколку поединечните акти во целост се извршени или спроведени. За разлика од одлуката за поништување, која предизвикува ретроактивна ништовност на сите поединечни правни акти донесени врз основа на поништениот општ акт, што создава состојба како поништениот општ акт воопшто да не бил ни донесен, или, кратко кажано, како да не постоел, што повлекува иста последица и за поединечните правни акти.
И додека кај правните последици од поништувањето состојбата е чиста, правните последици што ги предизвикува одлуката за укинување на општ акт е посложена и бара поголем правен резон при нејзиното спроведување бидејќи начелната состојба дека укинувањето важи само во иднина е само во идеални случаи, какви што многу ретко се среќаваат при практичната примена. Случајот со Еуростандард банка не само што не е идеален, туку, чинам, дека е единствен, кога речиси во зачеток се укинува одредба која е во директна примена при спроведување на стечајната постапка.
Имено, во стечајната постапка за Еуростандард банка токму врз основа на укинатиот член 163 став 3 од Законот за банки, донесени се многу поединечни акти, почнувајќи од шемата на доверители, до многу други последователни решенија, вклучително и решението со кое се утврдени побарувањата на секој доверител поединечно. Во овој дел особено интересно е утврденото побарувањето на Фондот за осигурување на депозити, како и приоритетот за наплата на тоа побарување, бидејќи членот 163 ставот 3 од Законот за банки се однесуваше токму на Фондот за осигурување на депозити. Имајќи ја предвид временската примена на општите правни акти, членот 163 ставот 3 од Законот за банки во овој случај произлегува дека со влегувањето во сила на одлуката на Уставниот суд истиот практично престанал да важи и веќе не е дел од правниот поредок. Вака укинатиот општ акт (членот 163 ставот 3 од Законот за банки) не само што не може да претставува основ за донесување на поединечни правни акти во иднина, туку таквата состојба има одредено ретроактивно дејство врз веќе донесените правосилни поединечни акти бидејќи со неговото укинување се запира спроведувањето или извршувањето на сите поединечни акти што од него произлегле. Тоа јасно е утврдено во членот 80 од Деловникот на Уставниот суд, кој гласи: „Извршувањето на правосилните поединечни акти донесени врз основа на закон, пропис или друг општ акт што со одлука на Судот е укинат не може да се дозволи, ниту да се спроведе, а ако извршувањето е започнато, ќе се запре.” Во таа насока, Одделот за граѓански дела на Врховниот суд, на 7 октомври 2019 година, поради уедначена примена на правото, има усвоено правно мислење, кое гласи: „Судска одлука не може да се заснова на пропис кој не постои во правниот поредок на Република Северна Македонија во моментот на одлучувањето (а била важечка во моментот на поведувањето на судската постапка), односно истата не би можела да се изврши доколку би била донесена, а ако извршувањето е започнато, ќе се запре.”
Што значи сето ова во однос на стечајната постапка за Еуростандард банка? И во конкретниот случај треба да се појде од временската примена на општите правни акти. Имено, од понапред наведените одредби произлегува дека одлуката на Уставниот суд со која е укинат членот 163 ставот 3 од Законот за банки е конечна и обврзувачка за сите, вклучително и за органите што ја водат стечајната постапка за Еуростандард банка, што значи дека оваа одредба не може да претставува основ за донесување на поединечни акти во иднина, ниту може да се спроведе извршување на поединечни акти донесени врз основа на укинатата одредба, доколку извршувањето веќе не е завршено.
Проблем во стечајната постапка претставува фактот што веќе донесените поединечни акти треба да се спроведуваат или да се извршуваат со нови поединечни правни акти. Особено тука мислам на одлуките кои допрва треба да се донесат, а се однесуваат за намирување на доверителите од стечајната маса. Во таква ситуација, органите што ја водат стечајната постапка за Еуростандард банка се судруваат со членот 80 од Деловникот на Уставниот суд, според кој извршувањето или спроведувањето не може да се дозволи, ниту да се спроведе, па дури и да е започнато, тоа ќе биде запрено.
Ова значи дека секој поединечен акт донесен во стечајната постапка, чија основа е укинатиот член 163 став 3 од Законот за банки, не само што ќе мора да се запре од извршување, туку ќе мора и да се преиспита со цел да се отстрани пречката за извршување што е предизвикана со одлуката на Уставниот суд, секако, за да може во понатамошниот тек на стечајната постапка да се извршува и да се спроведува.
Поединечните акти донесени во стечајната постапка за Еуростандард банка се сите акти, почнувајќи од шемата на доверители, решенијата на судот, вклучително и решението за утврдување на побарувањата, и сите тие ќе треба да бидат преиспитани и запрени од извршување во деловите кои биле донесени врз основа на укинатата одредба. Тоа запирање на извршувањето ќе предизвика сериозни промени, пред сѐ, во однос на Фондот за осигурување на депозити бидејќи тој ќе го загуби статусот на доверител во понатамошниот тек на стечајната постапка, имајќи предвид дека со ниту еден друг закон не е предвиден Фондот како доверител во стечајна постапка за банка, освен со укинатиот член 163 став 3 од Законот за банки. Тоа значи дека Фондот нема директна поврзаност со Еуростандард банка во смисла на доверителско-должнички односи по ниту еден друг основ, освен преку укинатата одредба, поради што со укинувањето на членот 163 ставот 3 од Законот за банки тој во понатамошниот тек на постапката не би можел да биде доверител во стечајната постапка, барем не во делот на исплатените депозити на физичките лица со вредност до 30.000 евра бидејќи за ова побарување на Фондот на директен начин се однесуваше укината одредба од Законот за банки.
Оттука, погрешно е размислувањето дека со укинување на членот 163 ставот 3 од Законот за банки, Фондот за осигурување на депозити го губи само приоритетот во наплата на побарувањето во стечајната постапка за Еуростандард банка. Напротив, Фондот го губи не само приоритетот, туку и својството на доверител во стечајната постапка. Ова од причина што во моментот кога Фондот бил дефиниран како доверител во стечајната постапка, членот 163 став 3 од Закон за банки бил во важност, и по тој правен основ (членот 163 ставот 3) Фондот го добил статусот на доверител. Но, по укинување на таа одредба од страна на Уставниот суд, во понатамошниот тек на стечајната постапка Фондот го губи статусот на доверител и приоритетот за наплата на паричното побарување бидејќи отпаѓа правниот основ (член 163 став 3) по кој го стекнал статусот на доверител и статусот за приоритетот при наплатата (види го правното мислење на Врховниот суд во текстот погоре).
Значи, во согласност со членот 80 од Деловникот на Уставниот суд, не само што Одлуката на Уставниот суд од 25 мај 2021 година, која влезе во сила со објавувањето во „Службен весник“ на 8 јуни 2021 година, предизвикува правни последици во однос на стечајната постапка за Еуростандард банка, туку таа ќе предизвика и потреба од сериозно преиспитување на сите поединечни акти донесени врз основа на општиот акт кој е укинат, секако, за да може да продолжи извршувањето на поединечните акти бидејќи во спротивно, секој што ќе спроведува поединечни акти спротивно на Деловникот на Уставниот суд може да се соочи со последици, вклучително и со надомест на штета.
Адвокат Љупчо Кузмановски
Правда за штедачи: Со одлуката на Уставниот суд обичниот граѓанин добива најмногу
Измени на Законот за банките за правниот вакуум по одлуката на Уставниот суд
Уставниот суд го укина член 163 став 3 од Законот за банките
Здружение „Правда за штедачи“: Се надеваме дека Уставниот суд ќе одржи седница во рокот за предметот
Решението на Уставниот суд за поведувањето постапка за член 163 став 3 од Законот за банките
Уставниот суд поведе постапка за членот 163 ставот 3 од Законот за банките
Што и како се осигурува во Фондот за осигурување на депозити
Членот 163 од Законот за банките повторно на разгледување пред Уставниот суд
Членот 163 од Законот за банките, кој е оспорен пред Уставниот суд
Истрага за четири одговорни лица во Еуростандард банка
ФОД: Досега исплатени 3,2 милијарди денари на депонентите на „Еуростандард банка“
Обвинителен акт против девет лица за перење на над девет милиони евра
Одложено рочиштето за стечајната постапка над Еуростандард банка
ФД: Oбесштетувањето на депонентите на „Еуростандард банка“ се одвива без поголеми пречки
Управниот суд ја отфрли тужбата од „Еуростандард банка“
Соопштение на Фондот за осигурување на депозити до депонентите во „Еуростандард банка“
ДКСК: Случајот со Ангеловска проблематичен од етички аспект, потребни се законски измени
Стечајна постапка за Еуростандард банка: Интервју со Дејан Костовски, експерт за стечај
Банки преку кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето на депонентите на Еуростандард банка
Определен е стечаен управник за Еуростандард банка и закажано е рочиште за пријавените побарувања
М.В