/ Прочитано:

4.138

Постапка за именување на јавниот обвинител на Република Македонија

Јавен обвинител на Република Македонија е функционер именуван од Собранието на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија, со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Македонија.

Од Јавното обвинителство, повикувајќи се на Законот за Јавното обвинителство, велат дека условите што треба да бидат исполнети за едно лице да стане јавен обвинител на Република Македонија се: да биде работоспособен државјанин на Република Македонија со општа здравствена способност, кој активно го владее македонскиот јазик, има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник со положен правосуден испит во Република Македонија, како и работно искуство од најмалку осум години по положениот правосуден испит, со потврдени резултати  во правни работи, односно е редовен/вонреден универзитетски професор кој предава повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

„Доколку на јавниот обвинител на Република Македонија му престане функцијата или е разрешен од неа, Советот на јавните обвинители на Република Македонија од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето на јавен обвинител на Република Македонија“, посочуваат од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Постапка за именување на јавниот обвинител на Република Македонија

Во Законот за јавното обвинителство се пропишува дека јавниот обвинител на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија, го именува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Според законски предвидената процедура,  Собранието на Република Македонија по предлог на Владата на Република Македонија го огласува именувањето на јавниот обвинител на Република Македонија во „Службен весник на Република Македонија” и во најмалку два дневни весници од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, најдоцна два месеца пред истекот на мандатот или веднаш по упразнувањето на местото.

Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Советот на јавни обвинители на Република Македонија, по барање на Владата на Република Македонија, во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата на Република Македонија, доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите во согласност со законот.

Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија доставува предлог за именување на јавен обвинител на Република Македонија од пријавените кандидати, за кои Советот дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител на Република Македонија, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот.

Ако Советот на јавни обвинители на Република Македонија, се пропишува во Законот за јавното обвинителство,  од оправдани причини во определениот рок не достави мислење до Владата на Република Македонија, рокот се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.

Ако Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати или од пријавените кандидати Владата на Република Македонија не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител на Република Македонија, може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

Собранието го разреши јавниот обвинител Марко Зврлевски

Советот на јавни обвинители го прифати предлогот на Владата за разрешување на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски

Законските одредби за разрешување на јавниот обвинител на РМ по предлог на Владата на РМ

Владата одлучи да иницира постапка за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски

M.В