/ Прочитано:

1.199

Постапка за издавање уверенија за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки

Управата за јавни приходи издава уверенија за состојба на платени, односно неплатени даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки, со цел да послужат како доказ за утврдување на фактичката состојба врз основа на која се решава за правата, обврските или правните интереси на странката (даночен обврзник) од страна на друг надлежен јавен орган.
По претходно поднесено Барање (образец Б/УПД) од даночниот обврзник, односно од законскиот застапник или полномошник на даночниот обврзник, УЈП издава два вида на уверенија:

  1. Уверение за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки; или
  2. Уверение за состојба на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за остварување на право на пензија.

ИЗДАВАЊЕ НА УВЕРЕНИЕ ЗА СОСТОЈБА НА ДАНОЦИ, ПРИДОНЕСИ И ДРУГИ ЈАВНИ ПРИХОДИ И ДАВАЧКИ

Ова Уверение се издава за платени, односно неплатени даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки (за тековна состојба или за состојба во бараниот период), по претходно поднесено Барање (образец Б/УПД).
Уверението се издава за даночен обврзник (физичко лице / лице кое остварува доход од самостојна дејност / правно лице) за состојба на сите даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки кои ги управува УЈП, и тоа: 1) Данок на додадена вредност; 2) Данок на добивка; 3) Данок на личен доход; 4) Придонеси од задолжително социјално осигурување и Данок на личен доход од МПИН; 5) Камати; 6) Надоместоци и посебни давачки од игри на среќа; 7) Трошоци во постапката за присилна наплата и еднократна посебна такса; 8) Глоби и други прекршочни санкции во даночна постапка; 9) Парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парнични, кривични и управни постапки во корист на Република Северна Македонија; 10) Судски такси; 11) Радиодифузна такса; и Други јавни приходи и давачки кои согласно закон ги управува УЈП.

За цели на издавање на Уверение за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки се наплаќа вкупно 100 денари (50 денари за барањето и 50 денари за издавање на уверението), согласно член 37 и Тарифен број 1 и 60 од ЗАТ, освен ако странката не е ослободена од плаќање на административни такси согласно ЗАТ.

За повеќе информации во врска со постапката за издавање на Уверение за состојба на даноци, придонеси и други јавни приходи и давачки, кликни тука.

ИЗДАВАЊЕ НА УВЕРЕНИЕ ЗА СОСТОЈБА НА ПРИДОНЕСИ ЗА ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВО НА ПЕНЗИЈА (ЗА ПРЕД ФПИОСМ)

Ова Уверение се издава само доколку Барањето (образец Б/УПД) е поднесено за цели (основ) на остварување на право на „Пензија (регулирање на стаж на земјоделец или самостоен вршител дејност пред ФПИОСМ)“.
Уверението се издава за платени, односно неплатени придонеси за пензиско и инавалидско осигурување за состојба во бараниот период, со цел да послужи како доказ за регулирање на стаж врз основа на кој се решава за правото за остварување на пензија пред ФПИОСМ, само за:

  1. Земјоделец во период/и од 1978 до 2001 година;
  2. Самостоен вршител на дејност оданочуван со годишен паушален износ во период/и 1984 до 2001 година;
  3. Самостоен вршител на дејност оданочуван по вистински доход во период/и 1983 до 1997 година.

Напомена: УЈП не издава Уверение за состојба на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за остварување на право на пензија (за пред ФПИОСМ), за: 1) лице со правна форма – ДООЕЛ; 2) лице кое ги исполнува условите за остварување на право на пензија и располагаат со пополнет М-4 образец; 3) лице вработено кај самостоен вршител на дејност; 4) лице за кое претходно е издадено уверение.

За издавање на Уверение за состојба на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за остварување на право на пензија (за пред ФПИОСМ) не се наплаќаат административни такси согласно член 18 став 1 точка 12 од Законот за административни такси, односно за списи и дејства за остварување на правата од здравственото, пензиското и инвалидското осигурување.

За повеќе информации во врска со постапката за издавање на Уверение за состојба на придонеси за пензиско и инвалидско осигурување за остварување на право на пензија, кликни тука.