Постапката за подготовка на Предлог на Кривичниот законик е започната
Министерството за правда ја информира јавноста дека е отпочната постапка за подготовка на Предлог на Кривичниот законик.
Како што се наведува во известувањето, потребно е усогласување на одредбите од законикот со меѓународните стандарди во одредени области и праксата на Европскиот суд за човекови права, како и отстранување на лоцираните недостатоци во сегашниот закон, а се со цел за квалитетно, ефикасно и ефективно уредување на казненото материјално право.
Во рамките на реформата на казненото право е започнат процес на целосна ревизија на Кривичниот законик, кодификација на кривичните дела пропишани во други закони и изготвување на нов законик согласно меѓународните документи. Во предлог законот ќе бидат вградени сите најнови меѓународни стандарди, и тоа од областа на тероризмот, еколошкиот криминал, финансиските измами, недозволеното производство и трговија со оружје. Воедно, посебно внимание ќе биде посветено и на редефинирање на казнената политика во пропишувањето на казните.
Преземете го известувањето во целост на следниот линк: ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРОЦЕСОТ ЗА ПОДГОТОВКА НА ПРЕДЛОГ ЗАКОН.