/ Прочитано:

4.148

Постапката за промена на ознаката за пол во матичната евиденција и признавање на родовиот идентитет

Секој граѓанин на Република Северна Македонија кој има наполнето 18 години, кој е деловно способен и кој не е во брак има право на правно признавање на родот во постапка уредена со овој закон. Во постапката за правно признавање на родот секое лице може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин се признава родовиот идентитет, се пропишува во новите измени на Законот за матичната евиденција кои се во собраниска процедура.

Правното признавање на родот ќе биде признато во сите области при остварување на правата и обврските на граѓаните во постапка утврдена со закон, се пропишува во предложените законски измени за матичната евиденција.

Барањето за правно признавање на родот се поднесува лично или преку полномошник до Управата.

Во постапката за правно признавање на родот нема да се бара доставување на докази за хируршка процедура за целосно или делумно прераспоредување на гениталии, хормонална терапија или кој било друг психијатриски, психолошки или медицински третман на подносителот на барањето.

Барањето за правно признавање на родот се поднесува на образец, чија  форма, содржина и начин на негово издавање ги пропишува министерот за правда.

Кон барањето се доставува:

-копија од лична карта на барателот за правно признавање на родот,

-изјава од барателот за правно признавање на родот составена од нотар во форма на нотарски акт дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање и промената на ознаката за пол не ја прави заради одбегнување на договорна или законска обврска, како и извршување на казна изречена од надлежен суд во Република Северна Македонија и странски суд под целосна материјална и кривична одговорност, а доколку подносителот на барањето живее или престојува во странство заверена во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во странство и

-полномоштво, доколку барањето се поднесува преку полномошник.

Формата и содржината на образецот ја пропишува министерот за правда.

Доколку барањето за правно признавање на род не е целосно, Управата го повикува подносителот на барањето за правно признавање на родот во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето да го комплетира барањето. Доколку подносителот на барањето на правно признавање на род не постапи по задолжувањето на Управата, Управата ќе се отфрли барањето во  рок од 15 дена од приемот на задолжувањето.

Против решението со кое се отфрла барањето, подносителот на барањето за правно признавање на родот има право на  жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15  дена од денот на приемот на решението.

Се уредува рокот во кој Управата одлучува за поднесеното барање. Тоа се 30 дена од денот на комплетирање на барањето. Решение за прифаќање на барањето за правно признавање на родот се донесува во случај кога се исполнети условите предвидени со овој закон. Решение за одбивање на барањето за правно признавање на родот се донесува во случај кога не се исполнети условите предвидени со овој закон.

Против решението со кое се одбива барањето за правно признавање на родот подносителот на барањето за правно признавање на родот има право на жалба до Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.

Врз основа на правосилното решение со кое правно се признава родот Управата ќе изврши промена на податоците за пол во матичната книга на родени во рок од десет дена од правосилноста на решението. Ова решение Управата во рок од три дена од правосилноста на решението го доставува до Министерството за внатрешни работи со барање за поништување на матичен број.

Изводот од матична книга се издава без да се стави забелешка за промената на полот. Со предложената законска одредба се забранува  увид во уписот во матичната книга на родените за лицата кои извршиле промена на полот.  По исклучок може да се дозволи само за лицето на кое истите се однесуваат или врз основа на одлука на надлежен суд согласно закон.

Измените на Законот за матичната евиденција за трансродовите лица во собраниска процедура

Усвоени законски измени за признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица

УШТЕ ЕДНА СУДСКА ОДЛУКА ВО КОРИСТ НА ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Трансродова жена доби случај пред Управниот суд

По пресудата на ЕСЧП во корист на трансродовите лица, се подготвуваат измени на Законот за матичната евиденција за промена на ознаката за пол

Пресуда на Судот во Стразбур во корист на правата на трансродовите лица во Македонија

Донесено решение за утврдување на промена на пол во матичната евиденција: Ова е голем пресврт за правата на трансполовите лица, вели адвокатот Жарко Хаџи Зафиров

Пресуда во корист на тужител за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол

М.В