/ Прочитано:

891

Постапката за заштита на уставните и законските права на граѓаните пред Народниот правобранител

Постапката за заштита на уставните и законските права на граѓаните пред Народниот правобранител се покренува со поднесување претставка.

Во Законот за Народниот правобранител се пропишува дека секое лице може да поднесе претставка до Народниот правобранител кога ќе оцени дека му се повредени уставните и законските права или кога се повредени начелата на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците.

Народниот правобранител може да покрене постапка и по сопствена иницијатива, доколку оцени дека на граѓаните им се повредени уставните и законските права.

Претставката поднесена до Народниот правобранител треба да биде потпишана и да содржи лични податоци за подносителот и да ги содржи околностите, фактите и доказите врз кои се темели претставката.

Во претставката треба да бидат наведени органот, организацијата, установата или лицето на кое се однесува претставката, како и да се наведе дали подносителот веќе вложил правни средства и кои правни средства ги вложил.

Претставката за покренување на постапка се поднесува писмено или усно на записник.

Претставката со која се иницира постапката нема пропишана форма.

Подносителот на претставката е ослободен од плаќање такси за постапката пред Народниот правобранител.

Народниот правобранител по претставката е должен да постапува совесно, непристрасно, ефикасно и одговорно.

При постапувањето по претставката Народниот правобранител од заинтересираните страни е должен да ги прибави сите факти и докази што се од суштествено значење за одлучување по претставката.

Народниот правобранител во текот на постапката по претставката е должен да ја почитува приватноста и тајноста на податоците што се однесуваат на подносителите.

Народниот правобранител, постапувајќи по претставката, може:
– да не покрене постапка,
– да покрене постапка и
– да ја запре или прекине постапката.

М.В