Постојаната анкетна комисија за човековите права и законодавниот дом мораат да ги заштитуваат човековите права
Хелсиншкиот комитет за човековите права, Македонското здружение на млади правници и КХАМ- Делчево поднесоа иницијатива за организирање јавна расправа на Постојаната анкетна комисија за човековите права за прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминација на граничните премини кон граѓаните од ромската етничка заедница.
Граѓанските организации велат дека и покрај ингеренциите што ги има оваа Комисија во однос на заштитата на слободите и правата на граѓанинот, сепак, во минатиот мандат не беше организирана ниту една јавна седница на ова собраниско тело.
Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот и во текот на 2016 година, посочуваат од Здружението на младите правници, беше целосно нефункционална и не одржа ниту една седница. Пасивноста на ова работно тело почна во 2011 година откако се одржаа парламентарни избори и се избра нов парламентарен состав.
Според податоците на младите правници, од 2011 до 2013 година биле закажани само пет седници на ова работно тело од кои ниту една за суштински прашања од областа на заштитата на човековите права во Р.Македонија и сите не беа завршени.
„Од 2013 година до денес не беше закажана ниту одржана ниту една седница на Комисијата, што укажува на очигледното затајување на еден од уставните механизми за заштита на човековите права во Р.Македонија“, се нотира во Годишниот извештај на младите правници.
Младите правници истакнуваат дека причините за пасивноста на ова работно тело можат делумно да се препишат на постојаната политичка криза што ја зафати земјава од декември 2012 година и продолжи до денес. Политичката криза ги помести приоритетите на пратениците подалеку од заштитата на човековите права на граѓаните кои ги претставуваат. Дополнително, во истиот период е забележан и тренд на ослабнување на надзорните функции на Собранието воопшто, како на пр. пасивноста на работните тела за надзор над УБК и над ПИМ за следење на комуникациите.
„Сепак, независно од овие две ‘објективни’ причини, пасивноста на ова работно тело кое е предвидено со Уставот во голема мера укажува во колкава мера заштитата на човековите права е приоритет за народните претставници“, нагласуваат од Здружението на младите правници во Годишниот извештај за човековите права.
Нефункционирањето на ова работно тело, додаваат младите правници, придонесува и за постојаното влошување на состојбата со заштитата на човековите права во Р.Македонија. Отсуството на дебата за повредите на човековите права кои се случуваа во изминатиот период во законодавниот дом, како на пр. масовното следење на комуникациите, оневозможи идентификување политичка и морална одговорност за повредите.
Пасивноста на ова тело придонесе кон создавање општо прифатеното мислење дека прекршителите на човековите права во Р.Македонија се неказниви што, пак, влијаеше негативно на довербата на граѓаните во Собранието на Р.Македонија.
„Ова уставно воспоставено парламентарно тело веќе подолг период е нефункционално, што е погубно за вклучувањето на Собранието во заштитата на човековите права. Особено загрижува тоа што нефункционирањето на ова тело може да се препише на мошне нискиот, односно непостоечки приоритет што парламентарците му го даваат на заштитата на човековите права. Исходот од парламентарните избори од декември 2016 година повторно не влева надеж дека ова тело ќе профункционира“, нагласуваат младите правници.
Од граѓанските организации кои се подносители на Иницијативата сметаат дека е неопходно Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот да организира јавна расправа на која ќе бидат поканети релевантни организации, експерти и институции, кои подолго време работат на овој проблем или се засегнати од него, а со цел да бидат дадени конкретни предлози и да бидат преземени конкретни иницијативи за подобрување на законската рамка во насока на заштита на веќе утврдените права и слободи на граѓаните.
М.В