/ Прочитано:

24.039

ПОСВОЕНИТЕ ДЕЦА ТРЕБА ДА ИМААТ ПРАВО ДА ГО ДОЗНААТ ИДЕНТИТЕТОТ НА БИОЛОШКИТЕ РОДИТЕЛИ: Се иницираат измени на Законот за семејство

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ се одржа конференција со работен наслов „Правото на информација за генетското потекло како суштествен елемент од личниот идентитет на посвоените деца“.

„Потребни се измени на Законот за семејство, со што ќе се овозможи посвоените деца да го дознаат своето генетско потекло, бидејќи тоа е суштествен елемент од личниот идентитет на посвоените деца“, беше истакнато на денешниот настан на кој говореа и дебатираа универзитетски професори, адвокати, граѓански активисти и студенти по право.

Во врска со потребните измени на Законот за семејството, од Здружението за промоција и поддршка на граѓански активизам КЛИК АКЦИЈА – Скопје, на денешниот настан истакнаа дека ова Здружение застанува зад иницијативата на неформална група граѓани кои бараат измени во Законот за семејство во делот на посвојувањето и за таа цел веќе се подготвени предлозите за законските измени. За законските измени, исто така, поддршкадаваат и од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Потребата од законски измени во насока на правото на посвоените деца да  имаат информации за своите биолошки родители ја нагласува доц.д-р Елена Игновска, која на денешниот настан подвлече дека потребата од елаборирање на прашањето за информација за генетското потекло како суштествен елемент од личниот идентитет на посвоените деца произлегува од реалните проблеми со кои се соочуваат посвоените деца.

Во член 2 од Законот за семејство, истакна Игновска, се пропишува дека семејството е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство. Семејството настанува со раѓање на деца и со посвојување.

„Клучниот проблем произлегува од членот 123-а во кој се вели дека податоците за заснованите посвојувања се службена тајна. Ова не е во насока на определбите на конвенциското право, односно со член 7 од Конвенцијата за правата на детето, во кој се пропишува дека сите деца имаат право на легално заведено име и националност, ноисто така, имаат и право да ги знаат своите родители“, истакна Игновска.

„Актуелните тенденции за промовирање на педоцентрични семејни политики одат во прилог на правото на детето да го знае своето потекло. Tаквата правна логика има повеќе аргументи и тоа еднаквост на сите деца, без дискриминација во однос на начинот на нивното зачнување и репродуктивниот избор на нивните родители, приоритет на најдобриот интерес на детето при постоење на битни медицински информации за наследни и генетски болести; промовирање на правото на личен идентитет како сложена конструкција во контекст на семејниот живот, родителските односи и сродството; промовирање на концептот штоги третира децата како активни субјекти и ги цени нивните ставови како важни за прашањата кои ги засегаат наспроти патерналистичкиот пристап на родителите да носат одлуки за нив, познавањето на генетските врски може да превенира инцестуозни односи со роднини со кои децата се крвно поврзани и психолошка безбедност на децата, донорите и правните родители како олеснување од анксиозноста на чувањето тајни“, посочи Игновска.

М-р Драги Змијанац, претседател и основач на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, истакна дека недозволиво е Законот за семејство да биде спротивен на интересите на детето.

„Според член123-а од Законот за семејство, се штити тајноста на родителот, а не се штити најдобриот интерес на детето. Како може да има тајни во современиот комуникациски свет? Во денешно време е невозможно. Неправда е Законот за семејство да ги штити родителите, а да ги држи во заложништво посвоените деца. Тоа е и дискриминација на овие деца. Затоа и нашиот став е дека детето треба да ги знае своите родители. Тоа,впрочем, го пропишува и член 7 од Конвенцијата за правата на детето, но тоа се и препораките на Комитетот за правата на детето“, истакна Змијанац.

Низ практиката, образложи Змијанац, имало ситуации кога посвоени деца по многу години ги наоѓаат своите родители и со тоа со ништо не наштетиле на родителите штогипосвоиле. Имено, вели Змијанац, биолошките родители не се исклучуваат со родителите штопосвојуваат.

„Важен е семејниот код, но важен е и генетскиот код. Како да не поддржиме иницијатива кога група граѓани си ги бараат своите биолошки родители. Ние секогаш ќе поддржиме иницијативи за законски измени и воспоставување практика која е во најдобар интерес на детето. Треба да се нагласи дека доколку посвоеното дете нема право и можност да ги дознае своите родители, тоа не само што е во спротивност со најдобрите интереси на детето и меѓународното право, туку претставува и класично структурно насилство и тортура“, подвлече Змијанац.

Адвокатката Павлина Зефиќ ја оцени како одлична иницијатива за измените на Законот за семејство во поглед на правото на информација за генетското потекло како суштествен елемент од личниот идентитет на посвоените деца. Адвокатката подвлече дека ова прашање како адвокат започнала да го истражува откако низ нејзината адвокатска практика водела случаи од истата и сродната проблематика.

„При анализа на член123-а од Законот за семејство се забележува поимот службена тајна. Но, ако се погледне Законот за класифицирани информации,забележливо е дека оваа одредба од Законот за семејство не е усогласена со Законот за класифицирани информации“, истакна Зефиќ.

Во таа насока, за адвокаткатае неоспорно дека Законот за семејство мора да претрпи промени штоќе бидат насочени кон заштитата на најдобриот интерес на детето и штоќе овозможат да се надминат правните недоследности низ практиката,кои, пак, воедно предизвикуваат и социо-психолошки реперкусии во контекст на личниот идентитет на посвоените деца.

Споредбено, подвлече Зефиќ, многу сме далеку во однос на ова прашање, за што говори историскиот преглед на развојот на семејните законодавства во глобален контекст, но според практиката на Европскиот суд за човекови права, САД, Англија, Велссе само дел од земјите во кои декади и години наназад се отворени прашањата за правото на информација за генетското потекло и кои исто така се на линија на конвенциското право.

„Треба да се знае дека ЕСЧП и Конвенцијата се дел и од нашето домашно право. Судската правна практика на Стразбур е извор на правото и потребно е да се повикуваме на неа. Покрај член 7 од Меѓународната конвенција за правата на детето, во оваа насока е важен и член 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права“, истакна Зефиќ.

Адвокатката образложи дека според овој член со кој се определува право на почитување на приватниот и семејниот живот, секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот. Повикувајќи се на практиката на ЕСЧП, адвокатката истакна дека Стразбур вели дека детето има право да ги знае информациите  за своето потекло. Во кој облик ќе бидат дадени овие информации, Судот во Стразбур остава на националното законодавство, но тоа, нагласи адвокатката Павлина Зефиќ, секогаш треба да биде во најдобар интерес на детето.

„Како адвокат ќе бидам среќна доколку случај за вакво прашање биде третиран од Стразбур, со што Европскиот суд за човекови права би дал препораки кои би биле инкорпорирани во нашето право, законодавство и судска практика“, истакна Зефиќ.

На денешниот настан говореше и Маргарета Куртиќ од Здружението КЛИК АКЦИЈА – Скопје, која нагласи дека   Здружението ќе преземе низа активности, за да се иницираат и донесат измени со кои посвоените деца ќе имаат право да го дознаат идентитетот на биолошките родители.

„Целта на законските измени е посвоените деца да имаат право да ги знаат своите биолошки родители и овие измени првенство треба да бидат во насока на заштита на најдобриот интерес на детето. Се надеваме на широка поддршка од јавноста и од институциите“, подвлече Маргарета Куртиќ.

ПРАВОТО НА ДЕТЕТО ДА ГО ЗНАЕ ГЕНЕТСКОТО ПОТЕКЛО – доц. д-р Елена Игновска

М.В