/ Прочитано:

1.517

Потпишан договор за меѓународна соработка помеѓу германската и македонската нотарска комора

На иницијатива на Федералната комора на нотарите на Република Германија на 23 август 2019 година во Берлин, Германија е склучен и свечено е потпишан договор за меѓународна соработка помеѓу Федералната комора на нотарите на Република Германија, претставувана од правниот советник  Ричард Бок, и Нотарската комора на Република Северна Македонија, претставувана од претседателот  Васил Кузманоски.

Станува збор за прв ваков договор од меѓународен карактер што го има потпишано Нотарската комора на Република Северна Македонија во досегашното 20-годишно постоење со држава земја членка на Европската Унија.

Договорот е потпишан во просториите на Федералната комора на нотарите на Република Германија, а на чинот на потпишување, покрај делегацијата од Нотарската комора на Република Северна Македонија, составена од претседателот  Васил Кузманоски и членот на управниот одбор  Анита Адамческа, присуствуваше и претставник од Министерството за правда на Република Северна Македонија, државниот советник Љубица Караманди-Попчевски, амбасадорот на Република Северна Македонија во Берлин, Рамадан Назифи, и  Драган Петковски, министер советник во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин, како и  Ловро Томашиќ, претставник за меѓународни односи на Федералната комора на нотарите на Република Германија и Надја Данингер, кандидат за нотар во Германија.

„Нотарската комора на Република Северна Македонија и Федералната комора на нотарите на Република Германија веќе со години соработуваат за унапредување на квалитетот во полето на превентивната правда во Република Северна Македонија и во целиот регион преку одржување настани и преку присуство на настани и состаноци со посебен фокус на правните случувања, професионалните тренинзи, половата еднаквост и предизвиците на дигитализацијата во нотаријатот организирани преку проектите организирани од страна на Германскиот отворен фонд за Југоисточна Европа (ГИЗ) и Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ).

Токму оваа соработка беше поттик и цел за склучување на договорот, со кој се покажува дека германскиот и македонскиот нотаријат имаат заеднички интереси, односно поставување на основа за идна размена меѓу двете институции, со обврзување за споделување информации, организирање заеднички проекти, особено такви кои се однесуваат на професионалниот тренинг, правните случувања и дигитализацијата. Македонскиот нотаријат, кој е широко отворен за соработка во секое поле, особено кога станува збор за германскиот нотаријат, кој изминативе години активно се залагаше за постигнување на исти цели во смисла на обезбедување на правната заштита, ќе ги вложи сите ресурси и можности за остварување на овие интереси.

Денешниот чин е јасна поддршка на Федералната комора на нотарите на Република Германија  не само за нотаријатот, туку и за целокупниот правен систем во Република Северна Македонија. Со тоа Германија сака да ја покаже својата поддршка на Република Северна Македонија во евроатлантските интеграции.  Потпишувањето на овој договор е уште една потврда за напорите на германската комора во насока на зајакнување на улогата и капацитетите на македонскиот нотаријат, унапредување на владеењето на правото и приближување до стандардите за работа и резултатите на земјите членки на Европската Унија.

Најсилна потврда дека успешната соработка помеѓу Република Германија и Република Северна Македонија, претставени преку сопствените нотаријати, продолжува и во следниот период е денешниот настан, кој заслужува посебно внимание и почит.

Денешниот настан се искористи и за размена на информации и искуства помеѓу двата нотаријати, со посебен акцент на дигитализацијата на нотарското работење“, велат од Нотарската комора.

М.В