/ Прочитано:

9.390

Потпишан Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија

Денешниот чин меѓу Бугарија и Македонија претставува силна порака до Европската Унија и до НАТО дека земјите од Балканот градат мост на соработка со цел перспективна иднина за своите граѓани, оценија премиерите на Македонија и Бугарија по потпишување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.

Претседателите на владите на Република Македонија и на Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска во Скопје го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Договорот, во согласност со Уставот на Република Македонија, е потпишан на македонски јазик, а исто така, во согласност со Уставот на Република Бугарија, е потпишан и на бугарски јазик. Потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, кој од страна на премиерите беше оценет како историски момент, отвора перспективи за двете земји за интензивна и цврста соработка на билатерален и мултилатерален план, унапредување на транспортните врски и комуникации, олеснување на царинските и граничните формалности, издвојување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете држави, како и силна поддршка на Бугарија за евроатлантските аспирации Македонија.

Веднаш по потпишувањето на Договорот, премиерот Заев изјави дека денешниот чин меѓу Бугарија и Македонија претставува силна порака до Европската Унија и до НАТО дека земјите од Балканот градат мост на соработка со цел перспективна иднина за своите граѓани.

„Затворивме прашање со кое го трасиравме патот на пријателството и добрососедството. Договорот е во заемен интерес за политичка стабилност во регионот. Договорот покажува дека минатото може да биде темел на идната соработка. Договорот го отвора патот за соработка и развој на двете држави и е модел за соработка во регионот и пошироко. Владата на РМ се определи за политика на решавање, а не за политика на создавање проблеми. Затоа, Договорот е порака до ЕУ и до НАТО дека земјите во регионот имаат раководства кои се однесуваат европски, а нивните земји заслужуваат европска перспектива. Бугарија со ова станува сојузник на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО“, нагласи македонскиот премиер Зоран Заев, по официјалното потпишување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.

Премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, истакна денешниот настан покажува дека и на, како што потенцираше, немирниот Балкан, кој во изминативе 20 години помина низ сериозни тешкотии, договор може да се потпише без одредени притисоци и посредници.

„Договорот можеше и да не се потпише, со години не беше потпишан, но се потпиша и е од исклучително значење. Не знам дали е првпат, но меѓу две држави без модератори и посредници стигнавме до тоа дека дружбата и добрососедството е најважно од сè. Тоа ќе нè направи силни, независни и значајни. Не залудно рекле, ако гледаш назад, ќе се сопнеш и ќе паднеш. Затоа решивме да гледаме напред. Убеден сум дека за десет години резултатите ќе бидат видливи“, изјави Борисов.

Бугарскиот премиер оцени дека од особена важност е и потпишувањето на двата меморандума за соработка што денеска ги потпишаа ресорните министри за транспорт, односно енергетика и економија, а кои се однесуваат на железничкото поврзување меѓу двете земји, односно на Коридорот 8 и за соработка во областа на гасот која ќе овозможи Македонија да купува гас од Европската Унија, а Бугарија да го транспортира.

Потпишувањето на Договорот веднаш позитивно го оценија високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

„Овој договор ја покажува одлучноста на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион. Тој е позитивен чекор напред во добрососедските односи и ја зацврстува ЕУ-перспективата на поранешната југословенска Република Македонија во интерес на нејзините граѓани“, стои во заедничката изјава на Хан и Могерини.

Според министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, станува збор за историски договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

„Го поздравувам тоа што по многу години безуспешни преговори се најде консензуално решение на отворените прашања. Со тоа двете држави испраќаат важен сигнал за успешна билатерална, но и регионална соработка на Балканот и за натамошната евроатлантска интеграција на поранешна југословенска Република Македонија. Исто така, ги поздравувам напорите на новата Влада по долгогодишна стагнација сега конечно да почне со итно потребните реформи за приближување кон ЕУ“, истакна шефот на германската дипломатија Габриел во неговата пишана изјава по повод потпишаниот Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

А. Б.