Потпишан меморандум помеѓу македонското и албанското обвинителство за гонење на организиран криминал
„Денеска јавната обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, оствари работна средба со својот албански колега главен специјален обвинител во Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, Арбен Краја.
По плодната дискусија во врска со подобрување и унапредување на билатералната соработка во борбата против организираниот криминал и корупцијата, двајцата обвинители, водени од принципите на еднаквост, меѓусебно разбирање и заемни интереси, потпишаа меморандум за разбирање помеѓу обвинителствата со кои раководат.
Со меморандумот обвинителствата се обврзаа во рамките на своите надлежности и во согласност со европското законодавство и законодавствата на Република Северна Македонија и Република Албанија да ги зајакнат меѓуинституционалните односи во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Воедно, обвинителите се договорија да соработуваат преку размена на информации и документи поврзани со нивниот делокруг на работа, советување за општи правни прашања поврзани со заемната правна помош и меѓусебни посети со цел подобрување на знаењето и зајакнување на вештините на јавните обвинители од двете обвинителства“, соопштуваат од Обвинителството.
M.В