/ Прочитано:

928

Потпишан Меморандум за соработка меѓу македонското и италијанското обвинителство

Делегација на Република Италија предводена од Федерико Кафиеро де Рахо, национален јавен обвинител за гонење на мафија и тероризам и Франко Габриели, директор на италијанската полиција – генерален директор за јавна безбедност денеска се во работна посета на Републичкото јавно обвинителство.

Италијанската делегација учествуваше на конференцијата „Заедничка соработка и правна помош во борбата против транснационалниот организиран криминал“ кој се одржа во Јавното обвинителство.

Во рамки на посетата, јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески и националниот јавен обвинител за гонење на мафија и тероризам, Федерико Кафиеро де Рахо, потпишаа Меморандум за разбирање за заедничка соработка на двете институции.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески нагласи дека соработката со италијанското обвинителство, како и соработката со обвинителствата од другите земји е од исклучително значење. Сепак, за квалитетна соработка се неопходни кадровско доекипирање и ресурси за работа.

„Република Северна Македонија ратификува повеќе конвенции со кои се регулира меѓународната правна помош како оние со Европската Унија и Обединетите нации. Но,  конвенциите и договорите, сепак, не се доволна гаранција за ефикасен прогон. Националните власти треба да обезбедат разменување  информации и продлабочување на соработката на повисоко ниво“, посочи Јовески.

Тој додаде дека организираниот криминал е сериозна закана за секое современо општество. Ниту една држава сама изолирано не може да го совлада организираниот криминал, па затоа соработката е особено значајна.

„Затоа е потребна посветеност, соработка помеѓу институциите и соработка на меѓународен план“, истакна републичкиот јавен обвинител.

„Соработката меѓу државите е многу значајна за справување со ваквиот криминал. Ниту една држава сама и изолирана не може ефикасно да се избори со организираниот криминал, бидејќи тој не познава граници, не познава нации, вера или политичка и старосна припадност. Тој длабоко навлегува во сите сфери и ги засега и загрозува сите“, изјави  Јовески при потпишувањето на Меморандумот.

„Ваквиот криминал е закана и за слободата и демократијата на секоја земја. Тој пенетрира во економијата и таму каде има успех, навлегува и во политичкиот систем“,изјави Федерико Кафиеро Де Рахо, Национален јавен обвинител за гонење на мафија и на тероризам на Република Италија.

M.В