/ Прочитано:

1.607

Потпишан меморандум за соработка помеѓу Министерството за правда на Република Македонија и Министерството за правда на Република Латвија

Министерот за правда Билен Саљији и министерот за правда на Република Латвија Џинтарс Раснач потпишаа меморандум за соработка помеѓу Министерството за правда на Република Македонија и Министерството за правда на Република Латвија.

„Споделувајќи заеднички европски вредности во духот на соработка и заемна доверба, имајќи ги предвид интересите за размена на знаење и искуство во областите правда и правосудство и разбирајќи ја важноста на меѓународната соработка, двете министерства склучија меморандум за соработка со кој ги договорија областите и облиците на соработка и го дефинираа начинот на соработка помеѓу двете институции. Меѓу другото, во соработката предност се дава на размена на искуства и најдобри практики за усогласување на националното законодавство со меѓународните и европските стандарди, поддршка на процесот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија, модернизација на правосудството и судската администрација, едукација и обука на професионалците од правосудството и судиите, подобрување на активностите во областа на пенитенцијарниот систем, ефикасно управување со пробацискиот систем, вклучително и развивање на ефикасни алтернативни мерки и пробациски систем, како и други области кои се од заемен интерес“, истакнуваат од Министерството за правда.

Министерот за правда Билен Саљији е во дводневна посета на Рига, Република Латвија. По потпишувањето на меморандумот за соработка, министерот за правда ќе се сретне со директорот на Управата за затвори на Република Латвија и ќе оствари посета на Центарот за зависности при Затворот Олаине.

M.В