/ Прочитано:

1.229

Потпишан меморандум за соработка помеѓу УЈП и Сојузот на стопански комори на Македонија

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, и претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, потпишаа меморандум за соработка, со кој се потврдува заложбата на двете институции за зголемено дејствување во борбата против сивата економија, регулирање на работата на црно на пазарот на трудот, унапредување на соработката помеѓу даночните обврзници и Управата, како и заедничко планирање и организирање на семинари, трибини, бизнис-форуми.

Директорката на Управата за јавни приходи истакна дека е добредојдена секоја иницијатива и економска мерка предложена од Сојузот на стопански комори на Македонија направена врз основа на анализи, позитивни деловни практики и компаративни искуства, и ја охрабри Комората да склучува вакви меморандуми за соработка и со другите институции сè со цел давање на максимален придонес во успешно и квалитетно реализирање на предложените економски мерки, чија крајна цел ќе биде создавање на конкурентна економија и градење на партнерски однос со бизнис-заедницата.

Управата за јавни приходи континуирано ја следи економската состојба, ги разгледува постојните законски регулативи и ќе предлага нивни измени во насока на подобрување на македонската економија.

На потпишувањето на меморандумот присуствуваа и претставници од Управата за јавни приходи на Република Македонија и претставници на Сојузот на стопанските комори на Република Македонија, Услужната комора, ИКТ-комората, Градежната комора и други.

М.В