/ Прочитано:

2.545

Потпишан меморандум за соработка помеѓу Управата за финансиско разузнавање и Нотарската комора

На иницијатива на Управата за финансиско разузнавање, во просториите на Нотарската комора беше потпишан меморандум за соработка меѓу Управата за финансиско разузнавање и Нотарската комора на Република Северна Македонија со цел уредување на соработката помеѓу Комората и Управата во полето на спречување на перење пари и финансирање на тероризам, врз основа на надлежностите и овластувањата што произлегуваат од законската регулатива што ја регулира материјата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, законската регулатива што го регулира работењето на нотарите, Националната стратегија за борба против перењето пари и финансирање на тероризмот и меѓународните стандарди.

На свеченото потпишување присуствуваше делегација на Управата за финансиско разузнавање предводена од директорот Блажо Трендафилов и делегација на Нотарската комора предводена од претседателот Васил Кузманоски.

„Со потпишувањето на меморандумот, не само во пракса туку и на хартија се запиша и се потврди досегашната успешна институционална соработка помеѓу Комората и Управата. Овој меморандум, покрај законските обврски што нотарите како субјекти ги имаат согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, уредува и доста позитивни аспекти кои одат во прилог на продлабочување на досегашната соработка со цел за доследно почитување и примена на законската регулатива на материјата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам“, велат од Нотарската комора.

Почнувајќи од 2004 година, кога ја добија улогата на субјекти активно вклучени во борбата за спречување на перење пари, па сè до денес нотарите успешно ја остваруваат својата задача и даваат значаен придонес за унапредување на функционалноста на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и зголемување на неговата ефикасност.

„Сето ова е резултат на успешното долгогодишно залагање и соработка меѓу Управата и Комората, кои преку своите надлежни органи заеднички ги решаваат сите спорни прашања кои се појавуваат во нотарското работење.

„Исто така, улогата на нотарите во борбата за спречување на перење пари моментално е најактуелна тема и на глобално ниво, па на сите случувања организирани од страна на органите на Меѓународната унија на латинските нотаријати главниот акцент се дава токму на оваа тематика, поради што нотарите, како едни од најзначајните субјекти, мора активно да бидат вклучени и со поддршка на Управата, како деловни партнери да придонесат за делотворно спроведување на политиката, целите, мерките и дејствијата против перењето на пари, сè со цел остварување на залагањата на Република Македонија во борбата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, што ќе ја приближи и ќе ја изедначи со сите европски земји водечки на овој план“, беше истакнато на настанот.

„Успешната соработка меѓу Комората и Управата беше поздравена и од страна на директорот на Управата, Блажо Трендафилов, кој искажа почит за една од најорганизираните и професионални фели во системот на спречување на перење пари и финансирање на тероризам“, велат од Нотарската комора.

М.В