/ Прочитано:

629

Потпишан Правилникот за зголемување на платите на судската полиција

„Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во присуство на претставниците на УПОЗ и Независниот синдикат на судска полиција, го потпиша Правилникот за зголемување на платите на судската полиција. Со ова се решава долгогодишниот проблем на овие службеници кои бараа зголемување на платите. Потпишувањето на правилникот е резултат на повеќемесечните преговори.

Со него се предвидува процентуално зголемување на платата во зависност од тоа во кој суд работат службениците. Зголемувањата изнесуваат од 8% до 18%. Најголемо зголемување добиваат Основниот кривичен и Основниот граѓански суд во Скопје.

Министерот Маричиќ на УПОЗ и Независниот синдикат на судска полиција им се заблагодари за конструктивниот дијалог, потенцирајќи дека Министерството за правда се залага за севкупно подобрување на стандардот и условите во кои работи судската полиција.

Претставниците на УПОЗ и Независниот синдикат на судска полиција изразија благодарност и задоволство што по многу апели и протести конечно се реши нивниот проблем. Тие на министерот му ја пренесоа пораката дека за нив тоа е значаен чекор, на кој гледаат како на конкретен чекор за решавање на нивните проблеми“, се наведува во соопштението на Министерството за правда.

М.В