/ Прочитано:

1.341

Потпишана Декларација за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини

По повод денешниот Меѓународен ден на жената од руралната средина, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и Националната федерација на фармери потпишаа Декларација за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини.

Со оваа декларација потписниците се заложуваат за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, преку креирање и промовирање на мерки за зголемување на можностите за вработување од руралните средини, преку креирање на мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството и друго.

Министерот Николовски посочи дека како  ресорно министерство, во соработка со останатите надлежни институции, преземаат мерки за да овозможат поволни услови за развој и напредок на жените во руралните средини.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека во Mакедонија половина од жените се неактивни на пазарот на труд, а најголемиот дел од нив се од руралните средини.

„Но, тоа е така само по статистика. Ние не можеме да го видиме ефектот на жените врз економијата бидејќи работата што ја работат тие ниту им е платена, ниту некаде е евидентирана“, изјави министерката Царовска.

На денешната конференција насловена како „Улогата на жените во руралните средини и нивните предизвици“, присуствуваа постојаната претставничка на УНДП, Лујза Винтон, претставници од Амбасадата на Кралството Шпанија, странски експерти за родови прашања, претставници од  здруженија на жени и од Националната федерација на фармери.