/ Прочитано:

1.119

Потпишана Мултилатералната конвенција на ОЕЦД за мерки за спречување даночна евазија

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, денес ја потпиша Мултилатералната конвенција за мерки за спречување на ерозија на даночната основа и преместување на профитот, во рамки на 8. состанок на БЕПС (Рамка за мерки против даночна евазија на ОЕЦД), кој се одржува во Париз, Франција. Со потпишување на овој мултилатерален договор ќе се зајакнат постојните договори за избегнување на двојно оданочување, во насока на борбата против даночната евазија.

„Пристапувањето кон оваа мултилатерална конвенција ќе ѝ помогне на нашата земја да се бори против злоупотребата на билатералните договори и ќе ги зајакне постојните договори против избегнување данок и против вештачко префрлање на профитот на локации со пониски даноци, или каде што нема да се плати данок. Досега имаме потпишано билатерални договори за избегнување на двојно оданочување со 49 земји. Билатералните договори се потпишувани низ годините и голем дел од нив се по застарени стандарди. Потпишувањето на Конвенцијата ќе ни овозможи обновување на сите договори одеднаш и додавање на дополнителна заштита против двојно оданочување и против штетните даночни практики“,  рече Ангеловска.

Инаку, Македонија е 94-та земја што ја потпишува оваа конвенција.

Главната тема за дискусија на 8. состанок на БЕПС се даночните предизвици што  произлегуваат од дигитализацијата. На состанокот присуствуваат 350 делегати од 122 земји, кои дискутираат за предизвиците со цел да најдат консензус и да утврдат чекори кон потенцијални решенија, од кои некои можат да направат промени во меѓународните даночни норми, кои исто така се од голема важност за земјите во развој.

„Дигиталната ера во која живееме бара нови решенија за справување со новите предизвици. Алокацијата на даночните права и оданочлив профит повеќе не може да се препише само според физичката локација. Глобализацијата и дигитализацијата овозможуваат компаниите да продаваат и да водат бизнис во земји без да инвестираат во локална инфраструктура и оперативни активности. Фактот што интеракциите со клиентите може да се водат од различни локации овозможува бизнисите да имаат активно присуство во земјите без какво било физичко присуство. Автоматизираните дигитални услуги отвораат нови предизвици и дискусии за нивно дефинирање. Потребни се транспарентни интернационални даночни правила. Од исклучителна важност е да фатиме чекор и да бидеме во тек со можностите, но и со предизвиците што ги отвора дигиталната економија особено за малите земји во развој како нас“, посочува министерката за финансии Ангеловска.

Во август 2018 година Македонија стана 117-та земја членка на БЕПС Инклузивната рамка. Во оваа рамка, рамноправно со другите земји учествуваме во преземање мерки за спречување одбегнување на плаќање на данок, односно мерки за зачувување на сопствената даночна основа. БЕПС-пакетот е составен од 15 мерки, во рамките на кои се утврдени активности кои ќе им помогнат на земјите во справувањето со можностите за одбегнување на плаќањето на данок. Македонија активно учествува во имплементирањето на овој пакет мерки.

М.В