/ Прочитано:

1.836

Потпишување на декларација меѓу Македонија и Германија за заемно признавање на возачките дозволи

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и амбасадорот на СР Германија, Томас Герберих, денеска во Министерството за надворешни работи ќе ја потпишат заедничката декларација меѓу Министерството за внатрешни работи на Македонија и Сојузното министерство за транспорт и дигитална инфраструктура на Германија, за олеснување на постапките за меѓусебна замена на возачките дозволи на граѓаните од Република Македонија и Сојузна Република Германија.

Од практичен аспект, велат од МВР, ова значи дека на територијата на двете земји граѓаните кои ги исполнуваат условите според декларацијата (законски престојуваат подолго од 180 до 185 дена во другата земја во текот на годината, имаат важечки национални возачки дозволи и наполниле 18 години) ќе можат да извршат замена на националните возачки дозволи со валидни возачки дозволи од земјата во која престојуваат, без да бидат изложени на дополнителни трошоци за повторно полагање на возачките испити, или пак обезбедување лекарски потврди и слично. Такви и слични договори веќе имаме со повеќе европски земји, како: Италија, Шпанија, Белгија, Романија, Чешка, Унгарија, Австрија, со земјите од регионот: – Србија, БиХ, Албанија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, а во завршна фаза се договарањата со Турција, Велика Британија, соседно Косово, како и Австралија и Нов Зеланд.

M.В