/ Прочитано:

1.198

Потребата за регулирање на породилното отсуство е неспорна, клучно е прашањето на кој начин ќе се уреди

Општо, темата на породилното отсуство е едно од посензитивните прашања на денешницата бидејќи, пред се, се работи за прашање од социлошко-психолошка природа и значење. Во последно време во рамки на Европската Унија и регионот за ова прашање беше многу дебатирано. Се иницираа бројни политички и нормативни акции за негово регулирање во контекст на олеснувањето на положбата на мајките, жените работнички и вкупно сите засегнати чинители од овој сегмент на трудовото законодавство и социјална поставеност. Во тие дебати претежно доминираа барањата за подолго породилно отсуство, рокот за давање или добивање отказ за мајките и татковците по раѓањето на детето, како и забраната за прекувремена работа на трудните работнички.

 Македонија меѓу последните земји од регионот која го отвора ова прашање

Оттука, породилното отсуство над 9 месеци веќе е прифатен стандард во регионот и пошироко. Разликата е во разните правни варијации на третирање на ова прашање и во имплеменатцијата на различни трудови модалитети за уредување на оваа материја. Затоа и не е клучно прашањето дали, туку како ќе се регулира породилното отсуство. Потребата за продолжување на породилното отсуство е јасна, недвосмислена и неспорна, но суштинската дилема е кои начини ќе се применат во изменување, дополнување или новелирање на законодавството. Дотолку повеќе што веќе се наметнува и потребата за носење на посебен закон за регулирање на потесната проблематика од аспект на родителството. Такви примери денес во компаративното трудово законодавство постојат и функционираат.

Според проф. д-р Лазар Јовевски, професор на Катедрата за трудово и социјално право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Македонија е последната земја која го отвора и регулира прашањето на породилното отсуство од една година.

„Прашањето за породилното отсуство е централна тема во делот на заштита на здравјето при работа на жените работнички. Тоа го потврдуваат бројни акти на меѓународен план, како и тоа што секое национално законодавство го уредува ова прашање. Овде би ги напоменале Конвенцијата 103 и 183 од Меѓународната организација на трудот, актите не Советот на Европа, како и Директивата 92/85 на ЕУ. Се чини дека Македонија е последната земја во регионот која го регулира прашањето за породилно отсуство од една година“, истакнува Јовевски.

Породилното отсуство во соседните земји е различно регулирано, но секаде е платено

Породилното отсуство од една година во соседните земји секаде различно е регулирано во однос на методологијата, терминологијата на правните трудови институти, нивната поставеност и прераспределба во временски рамки и начините на плаќање на породилното отсуство.

За Јовевски воочливо е дека регионалните искуства говорат за дистинктивни начини на регулирање, но и присутност на принципот за плаќање на породилното отсуство.

„Така на пример, породилното отсуство во Хрватска изнесува 6 месеци, но со продолжување на родителското отсуство од 6 месеци, кое е платено. Во Словенија породилното отсуство трае 105 дена и отсуство за нега на дете во траење од 260 дена, односно вкупно пресметани 365 дена. И тука отсуството исто така е платено. Во Бугарија породилното отсуство трае 315 дена, но по неговото завршување може да се искористи дополнително отсуство до двегодишна возраст на детето, кое е платено. Во рамки на тоа отсуство и таткото има право на платено отсуство. Во Србија, ова прашање е регулирано така што постои биконцептуалност и одвојување на породилното отсуство кое трае до три месеци и платено отсуство за нега на детето до утврдени 365 дена“, вели тој.

 Усогласување на професионалните и семејните односи

Регулирањето на породилното отсуство е неминовност. Тоа прашање мора да биде апсолвирано, но со интегрирање на сите препораки и компаративни искуства. Останува заклучокот дека едно од посуштинските прашања е дали породилното отсуство ќе биде платено. Ако доследно се инкорпирираат стандардите во компаративната и европската легислатива – плаќањето на породилното отсуство треба да биде облигаторно. Од тие причини и модалитетите на регулација треба да бидат во согласност со општото вреднување на рамнотежата помеѓу работата и семејството. Во тој контекст Јовевски ја поздравува ваквата иницијатива, сугерирајќи таа да биде доследно опфатена и да се користат искуствата на науката.

„Сметам дека продолжувањето на породилното отсуство во Македонија од 9 на 12 месеци, односно навршување на 1 година е одлична идеја која е на линија на заштита на детето, како и на рамништето на концептот на усогласување на професионалните и семејните односи“, заклучува експертот за трудово право.


Автор: Милчо Велјаноски

Објавено: 29.10.2013