/ Прочитано:

1.558

Потребен е баланс помеѓу правото на приватност и заштита на личните податоци и правото на слобода на изразување и информирање

Денеска во ЕУ-Инфоцентарот се одржа тркалезна маса организирана во рамки на проектот „Заштита на личните податоци и медиумите“. Проектот придонесува за поефикасна имплементација на правото на приватност и заштита на личните податоци, водејќи сметка и за правото на слобода на изразување и информирање.

„Потребно е да се разберат и подобрат стандардите за заштита на личните податоци, како и да се креира алатка за усогласеност на медиумите со принципите за заштитата на личните податоци“, беше нагласено на денешниот настан.

Секогаш треба да се има предвид дека мора да постои баланс помеѓу правото на приватност и правото на слобода на говор. Исто така, беше нагласено на денешната тркалезна маса, клучно е да постои и баланс меѓу јавниот и приватниот интерес кога станува збор за информации поврзани со носителите на јавни функции или познатите личности. Постои разлика, беше истакнато на настанот, помеѓу она што претставува јавниот интерес и  она што е интересно за јавноста.

Наташа Пирц-Мусар, тим-лидер на проектот, вели дека медиумите треба да се раководат од тоа дека балансот помеѓу правото на приватност и правото на слобода на говор најдобро може да се постигне преку објавување на податоци во јавноста кои се неопходни за да се постигне целта во однос на одредено прашање кое предизвикува јавен интерес. Треба да се има предвид, рече Пирц-Мусар дека слободата на говор е право кое не е апсолутно право, бидејќи секогаш е лимитирано од правото на другите.

„Медиумите треба да бидат свесни дека кога ќе објават некоја приватна информација за некое лице, тогаш повеќе нема враќање назад. Многу е тешко да се поправат работите откако приватноста на одредено лице ќе се наруши“, подвлече Мусар.

„Медиумските работници имаат должност да ја информираат јавноста за случаи кога носители на јавни функции се под сомнение дека сториле кривично дело, меѓутоа оној дел од податоците коишто не се од јавен интерес или се однесуваат на други лица кои на каков било начин се поврзани со нив, нема јавен интерес да бидат објавени“, подвлече експертот на проектот, Љубица Пендароска.

Игор Кузевски, генерален секретар на Дирекцијата за заштита на личните податоци, истакна дека проектот доаѓа во вистинско време бидејќи и според податоците на Дирекцијата за заштита на личните податоци се зголемува свесноста за заштитата на личните податоци. Кузевски, исто така, го нагласи значењето од постоењето на баланс помеѓу заштита на личните податоци и информирањето.

„Ако целта на информацијата е работењето на одредена јавна личност и ако попатно во веста се објавуваат и податоци за одредени лица кои не се јавни личности, а притоа тие луѓе не сакајќи се наоѓаат во информацијата, во тој случај  им се нарушува правото на приватност“, вели Игор Кузевски.

Во таа насока, на тркалезната маса беше констатирано дека кај медиумите е забележан позитивен тренд во однос на објавувањето информации поврзани со личните податоци. На настанот, исто така, беше нагласено дека за доследната заштита на личните податоци, клучни се и ставовите на Европскиот суд за човековите права кој на заштитата на личните податоци и заштитата на приватноста им дава голем акцент како едно од фундаменталните човекови права.

Проектот „Заштита на личните податоци и медиумите“ започна на 12 декември 2016 година и се финансира преку програмата ИПА ТАИБ 2012.

М.В