/ Прочитано:

1.409

Потребна е  ефективна имплементација на стандардите на Советот на Европа за заштита од родово базирано насилство

Денеска во организација на Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со УНДП се одржа работилница насловена „Јакнење на капацитетите на судиите и на јавните обвинители за ефективна имплементација на стандардите на Советот на Европа за заштита од родово базирано насилство“.

За значењето на денешната работилница од аспект на важноста за прашањето за борба против семејното насилство воведно обраќање имаа Харалд Шенкер од УНДП и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.

„Потребна е  ефективна имплементација на стандардите на Советот на Европа за заштита од родово базирано насилство и во таа насока, неопходно е јакнење на капацитетите на судството и јавното обвинителство“, беше нагласено на денешната работилница, на која се елаборираа повеќе прашања од аспект на родово базираното насилство.

Имено, на работилницата на која говореше Стојанка Мирчева од Министерството за труд и социјална политика, се дискутираа прашањата за родово базираното насилство, стандардите за заштита од родово базирано насилство и облиците на родово базирано насилство, ранливост и причини. На работилницата се говореше и за Истанбулската конвенција и за нејзините  цели, основни принципи и дефиниции. Исто така, стана збор и за чекорите кон ратификација на Конвенцијата.

Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11.5.2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борбата против семејното насилство. Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените.

Ратификацијата на Конвенцијата подразбира  низа обврски за владите кои ја имаат ратификувано, во однос на преземањето конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените: од демнење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените што поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

Во Конвенцијата се поставуваат цели за ефективна борба против насилството врз жените и домашното насилство, а она што е особено значајно е што во Конвенцијата насилство врз жените се дефинира како кршење на човековите права, додeка пак домашното насилство ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството.

Истанбулската конвенција се однесува на сите форми на насилство врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство, кое несразмерно ги погаѓа жените и се препорачува нејзините потписнички да ја применуваат на сите жртви на домашно насилство. При примена на одредбите од Конвенцијата, посебно внимание треба да им се  посветува на жените жртви на родово засновано насилство и таа се применува во време на мир и во ситуации на оружен конфликт.

Она што е значајно во Конвенцијата е што во неа насилството врз жените се дефинира како „кршење на човековите права“, а домашното насилство ги означува „сите акти на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството“.

На денешната работилница, а во контекст на меѓународната регулатива и практиката на Европскиот суд за човековите права, се говореше и за одговорноста за чинење или нечинење на државните субјекти, принципот на должно внимание во заштита од родово базирано насилство и позитивната обврска на државата низ јуриспруденцијата на ЕСЧП.

M.В