/Прочитано:

1.119

Потребна е реформа на законодавството од областа на градењето која ќе го заштити јавниот интерес

Денеска во организација на Здружението за одржлив развој „Генера“ се одржа  тркалезна маса на која беше презентирана публикацијата „Партиципативен и транспарентен развој на одржлива политика за градење – Анализа на изработка и донесување Закон за градење“.

Со  Законот за градење се уредуваат: градењето, основните барања на градбата, потребната проектна документација за добивање на одобрение за градење, правата и обврските на учесниците во изградбата, начинот на употреба и одржување на градбата, како и други прашања од значење за градењето.

Засегнатите страни при креирањето на политики и законодавство во областа на градењето, беше нагласено на тркалезната маса, потребно е да бидат вклучени во анализата на состојбата на регулативата, со што ќе се овозможи транспарентност и унапредување на процесот на подготовка на прописите од областа на градењето.

Честите измени и дополнувања на законодавството во овој дел во голема мера, покрај противречност помеѓу сродните закони, ја отежнаа и работата на архитектонските и градежните компании.

„Со тоа се овозможи несоодветно толкување на законските одредби од страна на локалната самоуправа, архитектите, градежните компании и практично преку тоа се создаде можност за шпекулативност“, беше посочено на тркалезната маса.

Честите измени на законите, подвлече Александар Петровски, извршен директор на проектот преку кој беше подготвена анализа и публикација за Законот за градење, и невклучувањето на засегнатите страни во минатото доведоа до краткорочни наменски решенија кои беа без долгорочна визија за развој на градежништвото.

„Со воспоставување стратегија за градежништвото, која ќе ги земе предвид на долгорочен план сите прашања во однос на работната сила, потребите на пазарот на трудот и како сакаме да се развива градежништвото на долг рок, ќе се овозможи одржлив пристап и сите препораки ќе бидат поднесени како иницијатива до Министерството за транспорт и врски“, рече Петровски.

Реформата на законодавство од областа на градењето и носењето стратегија за градежништво, беше потенцирано на денешниот настан, треба да го заштитат јавниот интерес и интересите на граѓаните, но и интересот на градежната индустрија, проектантите и инженерите.

Законите за просторно и урбанистичко планирање, за градење, за градежно земјиште, за катастар, за културно наследство итн., истакна професорот и архитект Мирослав Грчев, мора да се реформираат координирано, а не со меѓусебна противречност како досега.

Од анализите што се прават и во Комората и од невладините организации, додаде Грчев, ќе произлезе платформа за реформа на сите закони, и има шанси тоа да биде еден закон кој ќе го обедини целиот процес од просторно и урбанистичко планирање, создавање услови за градење на микролокациско ниво, па потоа преку експропријацијата и градежното земјиште до Законот за градење и на крај Законот за градежните производи, од кој излегува она што е краен резултат на целиот градежен процес.

„Целта е новите закони за планирање и градење да го вратат поредокот, интересите на сите граѓани и заштитата на јавниот интерес, искажан преку зачувување на зеленилото, институциите на јавниот интерес кои беа напаѓани, парковите, слободните простори, плоштадите и кејовите кои беа користени за градење“, истакна Грчев, според кого во изминатите години измените на законите за градење и за просторно и урбанистичко планирање биле правени на погрешен начин и без грижа за потребите на струката, на граѓаните и на просторот.

М.В