/ Прочитано:

1.934

Потребни се законски измени за доследно користење на actio popularis во случаите на дискриминација

Денеска беше промовирана анализата „Користење на actio popularis во случаи на дискриминација“ во рамките на проектот „Поддршка на инфраструктурата за еднаквост“, поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

???

Да се сфати значењето на actio popularis

Во нашата држава засега има една постапка поведена како actio popularis, а се однесува на сегрегацијата на деца Роми во образовниот процес поради нивната преголема застапеност во специјалните училишта. Тужители во оваа постапка се пет здруженија на граѓани кои работат на проблематиката на човековите права. Здруженијата барале од судот да утврди дискриминација и да ја задолжи Владата да иницира законски измени со кои ќе се подобри пристапот на децата Роми во образовниот процес.

„Сепак, првостепениот суд, постапувајќи по тужбата actio popularis, ја отфрли тужбата бидејќи сметаше дека ваква тужба не може да биде дозволена поради тоа што не била добиена писмена согласност од жртва на дискриминација. Судот наведува дека согласноста треба да биде во писмена форма, без притоа да образложи од каде произлегува посочената форма. Поради ваквите недостатоци, во решението, вложена е жалба до второстепениот суд“, беше истакнато на денешниот настан, на кој говореа Славица Чубриќ, од Мисијата на ОБСЕ, и Неда Чаловска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, како авторки на публикацијата, како и судии, адвокати и претставници на невладиниот сектор.

Без разлика на исходот од оваа постапка, беше нагласено на промоцијата на анализата, потребна е измена на Законот за заштита и спречување на дискриминацијата во делот што се однесува на можноста на здруженијата на граѓани да поведуваат судски постапки actio popularis така што нема да постои ограничувањето за задолжителната согласност од жртвата на дискриминација и нема да постои обврска за здружена и заедничка тужба за утврдување на дискриминација.

Правниот институт actio popularis се користи при системска повреда на правата

„На овој начин Законот ќе остави простор и едно здружение да може да поведе судска постапка actio popularis без да има потреба од согласност на жртвата. Нелогично е да се бара писмена согласност од сите жртви во случај на системска повреда на правата на поголема група луѓе“, беше истакнато на денешниот настан.

Славица Чубриќ, од Мисијата на ОБСЕ, и Неда Чаловска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, како авторки на публикацијата „Користење на actio popularis во случаи на дискриминација“ истакнаа дека моделот на индивидуална правда многу често претставува неефективен инструмент за докажување на структурната и институционалната дискриминација.

Од тие причини, додадоа Чубриќ и Чаловска, при констатација за постоење системска повреда на права се користи правниот институт actio popularis кој е востановен на тој начин што претставува ефективен механизам за заштита во вакви случаи. Во таа насока, потребно е да се предвиди законска можност за здруженијата да поднесуваат тужби од името на граѓаните кои се дискриминирани, а во контекст на она што значи системска повреда на правата.

Суштината на actio popularis е втемелената акција на другиот за заштита на преостанатите со цел заштита на нивните права, или пак заштита на принципот на еднаквост. Тргнувајќи од самиот контекст на недискриминација, заштитата на малцинските групи треба да претставува јавен интерес на едно општество што се стреми да се дефинира како демократско.

„Спецификата на actio popularis се состои и во фактот дека овозможува проактивна улога на здруженијата на граѓани во заштитата од дискриминација, особено кога станува збор за маргинализираните и ранливите групи“, констатираат Славица Чубриќ и Неда Чаловска во публикацијата „Користење на actio popularis во случаи на дискриминација“.

Што преставува actio popularis?

Историјата на actio popularis потекнува од римското казнено право и претставува тужба што може да ја поднесе кое било лице во име на друго лице или во име на јавниот интерес со цел да се изрече казна. Тужбата била дозволена со цел да се заштити јавниот интерес, што пак понатаму би служело да се заштити индивидуалниот интерес, препознавајќи ја комплементарноста помеѓу интересите на заедницата и интересите на индивидуата. Современата употреба на овој правен институт во областа на дискриминацијата, беше истакнато на денешниот настан, опфаќа случаи во кои дошло до повреда на принципот на еднаков третман со потешки последици, па според домашното законодавство, граѓанските организации имаат можност да поднесат тужба и без постоење на конкретна идентификувана жртва. При поднесувањето на actio popularis фокусот е ставен на одредени трендови и практики на однесување и затоа овој институт е многу корисна алатка за справување со институционалната, структурана и  фактичка дискриминација.

Европскиот суд за човековите права има флексибилен приод кон прашањето

Славица Чубриќ во своето излагање на денешниот настан посочи дека, според членот 34 од Европската конвенција за човековите права, за да можат да бидат подносители на жалба пред Судот, поединец, невладина организација или група поединци мораат да докажат дека се жртви на повреда на правата утврдени со Конвенцијата. Судот во Стразбур, истакна Чубриќ, дозволил активна легитимација на здружение што било странка во постапката започната пред домашните судови со цел да ги одбрани интересите на своите членови.

„Слично, во случајот Аксу против Турција, тужителот кој имал ромско потекло се жалел поради дискриминаторските изрази во одредени публикации, што, наводно, ја понижиле ромската заедница. ЕСЧП забележал дека, и покрај тоа што жалителот не бил лично посочен, тој можел да се почувствува навреден од забелешките во однос на етничката група на која ѝ припаѓа“, истакна Чубриќ, нагласувајќи дека Европскиот суд за човековите права е флексибилен во однос на прашањето за actio popularis.

Во име на најранливите и дискриминираните неопходни се законски измени

Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права посочи дека според Законот за спречување и заштита од дискриминација, здруженија и фондации, установи или други организации од граѓанското општество, кои имаат оправдан интерес за заштита на колективните интереси на одредена група или кои во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита на правата на еднакво постапување, можат да поднесат тужба и да настапат како тужители во судската постапката против лицето кое го повредило правото на еднакво постапување и ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот е повредено правото на еднакво постапување на поголем број лица.

Оваа тужба, подвлече Чаловска, може да се поднесе и е дозволена доколку постои согласност од лицето кое тврди дека е дискриминирано. Ако овие одредби се побуквално толкувани, додаде Чаловска, тогаш може да се заклучи дека релевантниот закон предвидува колективна тужба, со оглед на тоа дека се споменуваат сопарничари, како и со оглед на тоа дека тужбата не може да се поднесе без согласност на жртвите.

„Врз основа на ваквото толкување, може да се заклучи дека за да се поведе постапка во согласност со законот, жртвите треба да се идентификуваат, што наведува на заклучок дека не се исполнети условите за постапка actio popularis што се спроведува во интерес на јавноста, без конкретна идентификувана жртва што се поддржува или се застапува“, истакна Чаловска.

Компаративни искуства

Во таа насока, говорејќи за компаративните искуства, Чаловска нагласи дека  во хрватскиот Закон за спречување на дискриминацијата не се реферира на „сопарничари“ и на „согласноста на жртвата“.

„Во таа смисла, каков што е примерот во Хрватска, потребни се измени и на домашниот Закон за заштита од дискриминација. Непрактично е да се бара согласност од секоја поединечна жртва бидејќи тоа ја усложнува постапката, но и не е во насока на она што значи борба против дискриминацијата. Потребни се законски измени со кои ќе се изостави согласноста на жртвите и во таков случај здруженијата ќе можат слободно да одлучат дали да продолжат со тужбата како actio popularis или како колективна тужба“, рече Чаловска.

Здруженијата на граѓани да бидат препознаени како потенцијални тужители

На денешниот настан беше истакнато дека неминовно е здруженијата на граѓани што работат на заштита на човековите права и принципот на еднаквост да бидат препознаени како потенцијални тужители во случај на повреда на човековите права на поголема група лица. Аctio popularis е механизам што може да се користи во случај на директна и индиректна дискриминација, но и во случај на вознемирување и на повикување и поттикнување дискриминација како посебни форми на дискриминација.

„Соодветен случај за постапка actio popularis во случај на директна дискриминација претставува случајот со директната дискриминација на банките во државата кон слепите лице, односно лицата со сензорна попреченост, поради неприспособеност на услугите кон потребите на оваа група луѓе. По поднесувањето на претставката од страна на Хелсиншкиот комитет до Комисијата за заштита од дискриминација, Комисијата утврди дека во овој случај се работи за продолжена дискриминација“, констатираат Чубриќ и Чаловска.

Македонските судии да имаат пофлексибилен приод

Дел од претставници на судската фела присутни на настанот се согласија дека македонските судии треба да ја следат практиката на Европскиот суд за човековите права, кој веќе ја пробива, како што подвлекоа, бариерата околу  прашањето за actio popularis.

Во таа насока и адвокатката Хајди Штерјова-Симоновиќ нагласи дека според адвокатската пракса македонските судии имаат строго формален пристап кон ова прашање, порачувајќи дека во такви услови неопходни се законски измени.

Д-р Жената Поповска од Мисијата на ОБСЕ во Скопје нагласи дека, според показателите, моделот на индивидуална правда многу често претставува неефективен инструмент за докажување на структурната и институционалната дискриминација и оттука се наметнува потребата за законски измени.

Јасна Оровчанец-Аранѓеловиќ, од Здружението на младите правници, оцени дека барањето за воведувањето на actio popularis е храбар чекор кој во иднина би имал позитивни реперкусии во однос на судската пракса, која пак, исто така, има охрабрувачка улога за жртвите од дискриминација.

M.В / veljanoskim@akademik.mk