/ Прочитано:

1.012

Потребно е активно учество на граѓаните во креирањето на општинскиот буџет

На Економскиот факултет во Скопје,  мрежата ФИСКАСТ организираше настан јавно предавање „Јас и буџетот на општината – направете вашиот глас да се слушне“  со цел да се поттикне дискусија за значењето, формите и потребата од партиципативно буџетирање во општините. Јавното предавање е во рамките на проектот „Мои пари, моја одговорност: Партиципативно буџетирање во општините“, спроведуван од мрежата на граѓански организации ФИСКАСТ, а поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско учество.

На јавното предавање свое обраќање имаа Благица Петрески, извршен директор на „Фајнанс тинк“ и координатор на мрежата ФИСКАСТ, Едвард Гонзалес, директор на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Александар Наумовски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Борче Треневски од Економскиот факултет при УКИМ, и Неда Малеска-Сачмароска, извршен директор на Центарот за управување со промени.

На настанот со присутните граѓани, експерти и учесници се дискутираше за значењето, формите и потребата од партиципативно буџетирање; за управувањето со финансиите и транспарентноста на ЕЛС на општините во земјата, со преглед на актуелните состојби, како и за примената на партиципативното буџетирање, со споделување на искуствата и предизвиците.

„Активното учество на граѓаните во процесот на креирање на буџетот на општината е значаен за да се подредат проектите по приоритет и за да се алоцираат средствата во согласност со потребите на граѓаните“, беше истакнато на настанот.

Тереза Кочовска, финансиски менаџер на мрежата ФИСКАСТ, истакна дека за успешно спроведување на процесот на партиципативно буџетирање потребно е да се исполнат одредени предуслови.

„Тоа се следните пред услови: политичка волја на градоначалникот и на другите членови што учествуваат во донесувањето на одлуките во општините; присуство и интерес на граѓанските организации и на граѓаните, генерално; јасни правила што го водат процесот; подготвеност за градење капацитет на населението и на општинските практичари“, нагласи Кочовска.

М.В