/ Прочитано:

1.287

Потребно е заедничко дејствување на социјалните партнери за побезбедни работни места

Она на што треба да се обрне посебно внимание е наоѓањето начин како да се зајакне улогата и значењето на стручните лица во компаниите и претставниците на работниците бидејќи тие секојдневно се во контакт со сите ризици од настанување на одредени несреќи. Компаниите во Македонија генерално ги остваруваат своите обврски во однос на Законот за безбедност и здравје при работа, особено во делот на изготвувањето на процената на ризик, редовните систематски прегледи на работниците, обуките за здравје и безбедност при работа, но примената на Законот треба да биде соодветна и со работното место, односно во фабричките хали, градилиштата и така натаму, каде што, за жал, имаме огромен број на несреќи

Работници на зграда

Синдикатите и работодавачите во Македонија мора да го интензивираат дијалогот за безбедност и здравје при работа, е генералниот заклучок од денешната Дебата за унапредување на бипартитниот дијалог за безбедност и здравје при работа во компаниите со цел креирање безбедни и здрави работни места, која ја организираше Македонското здружение за заштита при работа во соработка со Сојузот на синдикатите на Македонија.

Најголем дел од прашањата кои се однесуваат на безбедноста и заштитата на работното место можат да се решат внатре, во самите компании, велат од Македонското здружение за заштита при работа, но според нив мора да се работи на градење култура на превентивно дејствување.

„Мора да се сфати дека здравиот работник е придобивка за секоја компанија. Безбедниот и здрав работник има искуство и вештини и за релативно кратко време може да направи подобар производ. Ако треба да дојде некој нов работник кој треба да го замени оној што се повредил, ќе му треба повеќе време да се вклучи во процесот на работата. Одредени проблеми коишто се причина луѓето да се повредуваат на работното место нема да ги решиме доколку не тргнеме од себеси и доколку не ја смениме културата на превентивно дејствување. Кога станува збор за работодавачите, треба да сфатат дека безбедните работни места им одат во полза, а од друга страна, трпат големи штети кога некој работник ќе се повреди“, изјави претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски.

„Улогата на лицата задолжени за безбедност и здравје при работа во самите компании е од клучно значење“, нагласуваат од Организацијата на работодавачи на Македонија. Ангел Димитров, претседател на оваа организација, вели дека тоа се лица експерти кои се директно запознаени со сите ризици за настанување на несреќите на работното место, поради што нивната улога мора да се зајакнува. 

„Она на што треба да се обрне посебно внимание е наоѓањето начин како да се зајакне улогата и значењето на стручните лица во компаниите и претставниците на работниците бидејќи тие секојдневно се во контакт со сите ризици од настанување на одредени несреќи. Компаниите во Македонија генерално ги остваруваат своите обврски во однос на Законот за безбедност и здравје при работа, особено во делот на изготвувањето на процената на ризик, редовните систематски прегледи на работниците, обуките за здравје и безбедност при работа, но примената на Законот треба да биде соодветна и со работното место, односно во фабричките хали, градилиштата и така натаму, каде што, за жал, имаме огромен број на несреќи“, потенцираше Димитров.

Според Сојузот на синдикатите на Македонија, заедничкото дејствување на социјалните партнери мора да се интензивира, а со тоа ќе се обезбедат работни места кои се сигурни за работниците и ќе се намали бројот на несреќи на работното место.

Претседателот на ССМ, Живко Митревски, вели дека ништо не може да биде реализирано и остварено доколку сите заедно не се фокусираат на спроведувањето на Законот.

„Само преку соработка и заедничко дејствување на сите социјални партнери може да направиме атмосфера која ќе ја поттикне безбедноста и здравјето при работа“, нагласи Митревски.  

Дебатата што се одржа денеска е дел од проектот „Зајакнување на партнерствата на граѓанското општество и државните институции во креирање и унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина – основно човеково право“.

А. Б.