/Прочитано:

289

Поведена постапка за измамени странски државјани и правни лица

По проверка на наводите од поднесените кривични пријави, јавниот обвинител кој постапува во предметот утврди дека  во периодот од крајот на јануари 2020 година до крајот на февруари 2020 година, во Битола и Ресен, четворицата осомничени – прокурист, управител и двајца надворешни соработници во правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен,  претходно се договориле и со поделба на работите, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, искористиле исти прилики, па ги довеле во заблуда и оштетиле три правни лица од Руската Федерација, Република Унгарија и од Босна и Херцеговина.

Осомничените преку Фејсбук профил  „TopFruit Fruit“ објавиле дека продаваат јаболка по што стапиле во контакт со секој од оштетените.

На претставник на оштетеното правно лице ”Fruit Country KFT” од Република Унгарија му прикажале дека можат да му продадат јаболка во поголема вредност од 7.095,00 евра (во денарска противвредност 433.944,00 денари) кој оштетеното правно лице требало да ги уплати на сметка на правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен. Осомничените доставиле профактура и кажале дека јаболката со камион ќе тргнат следниот ден за Унгарија, со што на 04.02.2020 година го навеле правното лице од Унгарија, на штета на својот имот, да им го исплати наведениот износ во поголема вредност од 433.944,00 денари.

Истата постапка ја повториле и со сосопственик на оштетеното правно лице „Нерко Промет“ ДОО Хан Плоча, Општина Кисељак, БИХ. Осомничените прикажале дека можат да продадат јаболка и дека за еден камион од 21 тон треба да се уплати износ од 3.570,00 евра на сметка на правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен. Потоа на 11.02.2020 година преку електронска пошта доставиле профактура.  Оштетениот бил наведен да ангажира и транспортна фирма за превоз на јаболката. Со овие дејствија осомничените го навеле оштетениот на штета на своето правно лице да исплати износ во поголема вредност од 219.555,00 денари.

На претставникот на оштетеното правно лице ООО „ПИМЕНТА“ Москва од Руската Федерација, осомничените  му прикажале дека можат да му продадат 2 контејнери јаболка во количина од 44 тони од сортата „ајдаред“ по цена од 370 американски долари за тон, 1 контејнер јаболка во количина од 22 тони од сортата „гренисмит“ по цена од 400 американски долари за тон и 7 контејнери јаболка од сортата „црвен делишес“ во количина од 154 тони по цена од 480 американски долари за тон во кои цени бил вклучен превоз до Солун, Р. Грција, и дека правното лице треба да уплати 50% од вкупната вредност односно 49.170,00 долари на сметка на правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен. Откако оштетениот пристигнал во Република Северна Македонија, двајца од обвинетите го однеле во с. Бистрица и во Ресен каде му покажале јаболка, потоа се договарале за изгледот на етикетите, за амбалажата,  и на 19.02.2020 година преку електронска пошта му доставиле профактура од правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен на наведениот износ,  со што го навеле оштетениот на штета на имотот на правното лице да им го исплати износот во значителна вредност од 2.674.848,00 денари.

Обвинетите по пристигнување на парите од оштетените правни лица  ги префрлале на своите трансакциски сметки и  подигнале износ од 100.000,00 денари како материјални трошоци, иако за таквите трансакции немало никаков правен основ. Со тоа ја испразниле сметката на правното лице, а на оштетените правни лица не ги испорачале јаболката, ниту ги вратиле парите.

Јавниот обвинител со донесување на наредбата за спроведување истражна постапка до Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави и предлог за определување притвор за осомничените. Предлогот беше прифатен и судот со решение на четворицата осомничени им определи притвор во траење од 30 дена“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

М.В