Поведена постапка за одредби од Законот за извршување во врска со казнената камата на трошоците на постапката
Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 18 став 2 од Законот за извршување . Според подносителот на иницијативата,Новица наков, со оспорената законска одредба се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 54 став 3 од Уставот на Републиката.
„Ова од причини што со член 18 став 2 од Законот за извршување се дозволувало извршување, а во пракса и се спроведувало извршување од страна на извршителите, на казнена камата и во случаи кога должниците во оставениот рок од страна на судовите доброволно ја исполнуваат нивната обврска, односно ги плаќаат трошоците на постапката на доверителот. Со други зборови, овој член ги принудувал учесниците во судските спорови под страв да не платат камата да плаќаат трошоци за постапка во првостепените судови додека трае постапка во второстепените судови на којашто може да се одлучува и за истите трошоци, а и за други околности, додека од друга страна поука за тоа дека е така никаде немало во првостепените пресуди, што создавало правна несигурност и голема финансиска штета за граѓаните и правните лица“, се вели во Решението на Судот.
Според подносителот на иницијативата, оспорениот став би имал некаква смисла ако гласел од: „датумот на клаузулата за извршност до наплатата“, но вака како што моментално гласел, значело дека каматата за процесни трошоци доверителот можел да ја бара и во пракса да ја добие од денот на донесување на првостепената пресуда, без разлика на тоа што ќе се случува во постапката и колку таа ќе трае, што предизвикувало ситуации во кои каматата да биде неколкукратно повисока од износот на процесните трошоци дури и во услови на доброволно исполнување на обврската од страна на должникот.
Поради наведеното се предлага Уставниот суд итно да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот член, а потоа да донесе одлука за поништување на оспорениот член, бидејќи со неговото натамошно извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.
Според оспорениот член 18 став 2 од Законот за извршување, ако во извршната исправа се определени и трошоците на постапката, извршителот, по предлог од доверителот, ќе пресмета и ќе изврши наплата на законска казнена камата на износот на определените трошоци согласно пропишаната стапка, од денот на донесувањето на извршната исправа до наплатата.
Според Судот, основано може да се постави прашањето за уставноста на вака пропишаната одредба. Имено, спорно е како може да се наплатува законска казнена камата на трошоците на постапката, ако тоа изречно не е наведено во извршната исправа. Со давањето на право на доверителот да побарува законска камата на трошоците, која не е утврдена во извршната исправа, за него се утврдува право кое не произлегува од извршната исправа, а од друга страна, со обврската да пресметува камата која не произлегува од извршната исправа, извршителот добива улога на суд.
Покрај тоа, оспорената одредба е недоволно јасна и прецизна во однос на тоа од кој момент може да се бара законска казнена камата на трошоците на постапката, поради што основано може да создава дилеми во нејзината примена.
М.В