/ Прочитано:

888

Поведена постапка за одредби од Законот за возила

Уставниот суд поведе постапка за оцена на уставноста на членот 62-а став 5 алинеја 4 од Законот за возила. Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот за возила се ограничувало правото на сопственост и правата кои произлегувале од сопственоста, спротивно на членот 30 ставови 1 и 3 од Уставот, со кои се гарантира правото на сопственост, коешто на никој не може да му биде одземено или ограничено. Во иницијативата се наведува дека подносителот бил сопственик на градежен објект во површина од 1500 м2, граден со намена за станица за технички преглед Е-30, и го издавал под закуп на правни лица за вршење на технички преглед на возила. За градежниот објект плаќал годишен данок на имот врз основа на остварената добивка од закупнината.

Со оспорената законска одредба се доведува во прашање користењето на објектот за технички преглед на возила, а со тоа директно се задира во остварувањето на сопственичките права на имотот за кој уредно се плаќаат давачките на државата, што е на штета на имотните права и интереси на сопственикот на објектот којшто има конкретна намена.

„Од оспорената одредба на член 62-а став 5 алинеја 4 од Законот за возила, неспорно произлегува дека објектот за технички преглед на возила не може да се користи за намена вршење на технички преглед на возила доколку претходно било во користење од правно лице на кое му било одземено овластувањето за вршење на технички преглед на возила во последните три години. Ограничувањето за идно користење на објект кој бил опремен и веќе користен за вршење на одредена конкретна намена – технички преглед на возила и тоа ограничување да се однесува за во иднина насочено кон субјектот кој аплицира за добивање на овластување за вршење на работа – технички преглед на возила, нема оправдана основа и корелација која би се поврзала со делување на поранешен субјект кому му било одземено овластување за вршење на технички преглед на возила во последните три години. Ваквото нормирање, во кое е содржана забраната за правно лице кое е барател за добивање на овластување, да доставува доказ кон барањето до надлежното министерство дека работата ќе ја врши во објект опремен согласно закон, за вршење на технички преглед на возила, заради субјективните причини коишто се во врска со поранешно одземање на овластување на правно лице, го повредува суштински користењето и располагањето на имотот како елементи на правото на сопственост, како основно уставно право определено со членот 30 од Уставот, во корелација со владеењето на правото и правната сигурност којашто произлегува од владеењето на правото, утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката“, посочуваат од Уставниот суд.

М.В