/ Прочитано:

1.055

Повеќе граѓански организации реагираат на измените на Законот за финансирање на политички партии

Во врска со неодамнешното донесување на измените и дополнувањата на Законот за финансирање на политички партии, иницијативата „Блупринт“ реагира и ја информира јавноста за повеќе недостатоци и проблеми во врска со законското решение. Потписници на реакцијата се: Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје; Центарот за економски анализи; Хелсиншки комитет за човекови права; Фондација „Отворено општество“ – Македонија; „Еуротинк“; Здружение на новинари на Македонија и Институт за европска политика Скопје.

Проблеми со начинот на кој се носат овие решенија

Усогласувањето на законските решенија, нагласуваат од иницијативата, беше направено на нетранспарентен начин кој не ги опфати сите засегнати страни: политичките партии, медиумите, јавноста и другите државни институции кои имаат надлежност или се засегнати од оваа област. Јавноста и законодавецот не можат да се стават пред свршен чин со готов текст кој се усвојува по скратена постапка, а чија содржина претходно никому не му била позната. Практиката на тајно договарање и потоа презентирање финални решенија мора да се смени бидејќи не ги решава проблемите водејќи сметка за јавниот интерес и не гарантира дека се избира најдоброто решение.

За да се спречат злоупотребите и да се унапреди финансирањето на политичките партии, законските решенија мора истовремено да се донесат во спрега со други закони кои им даваат надлежности на Државната комисија за спречување на корупција, Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција и сл. На пример, потребно е да се дорегулира утврдување на потеклото на поединечните донации, кое сега е само обврска на партиите.

Иако се наведува дека законското решение црпи легитимитет од препораките на граѓанското општество дадени во документот „Блупринт – Предлог за итни демократски реформи“, тие препораки се само селективно и делумно употребени во законот.

Системски и содржински проблеми кои ваквите решенија несоодветно ги третираат

Препораките од документот „Блупринт“ не се целосно земени предвид. Имено, се предлага „финансирање исклучиво од јавни средства и забрана за приватни донации“. Законот го зголемува само првото, додека ги намалува износите што секој поединец може да ги уплаќа на годишно ниво, што не е исто со забрана за приватни донации.

Министерството за правда препорача ограничување на вкупниот износ на донации, и тоа не само на поединечните, нешто што исто така не е земено предвид.

Нема основа, посочуваат од иницијативата, партиите да располагаат со недвижен и движен имот кој не е поврзан со нивната примарна дејност, како на пример, земјоделско земјиште.  Ако целта е да се регулира земјиштето под партиските простории, тогаш тоа треба експлицитно да биде наведено и да не остава простор за дополнителни злоупотреби. Законските измени се предлагаат од парламентарци, кои немаат обврска да прават анализа на импликациите (финансиските, правните, кадровските итн.) од законските решенија што ги предлагаат. Во законот со сериозни финансиски импликации стои само дека ќе има финансиски импликации. Граѓаните и законодавците треба да се информирани околу одлуките што ги носат, бидејќи трошоците ги сносиме сите.

Ефекти од постојното законско решение

Сумарно, овие законски решенија само ги зголемуваат финансиските средства за партиите кои ги обезбедуваат граѓаните, како и начините на кои партиите можат да обезбедат повеќе приходи. Тие не ги спречуваат злоупотребите, туку само индиректно ги намалуваат ризиците од злоупотреби, што може но и не мора да ги реши проблемите.

„Со неукинување и неограничување на поединечните донации, само се намалува прагот на донирање, но вкупниот износ никако не се ограничува. И во претходниот период, според финансиските извештаи на партиите, индивидуалните донации не биле повисоки од прагот што сега се воведува. Партиите ќе може да изнајмуваат земјоделско земјиште, но истовремено, не е подобрена проверката на потеклото на донациите“, истакнуваат од иницијативата.

Што треба да се направи?

Потребно е, истакнуваат од иницијативата, ограничување на вкупниот износ на средства што може да се добијат од поединечни донации и воведување подобрен механизам за задолжителна проверка на потеклото на средствата за секоја донација.

Исто така, потребно е и да се прецизира дека земјиштето како недвижен имот со кој располагаат партиите се однесува на она на кое се наоѓаат партиските објекти, така што е потребно да има задолжителна обврска сите предлагачи на законот во сите фази, вклучително и на поднесување амандмани, да подготват проценка на влијание врз регулативата што сакаат да ја донесат.

М.В