/ Прочитано:

873

Повеќе координација за да не се повтори бегалската криза

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија на 27.11.2018 година го презентираше завршниот Извештај за правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил во Република Македонија за 2018 година.

На тркалезната маса „Тековните трендови на миграција и баратели на азил во Република Македонија за 2018 година“ свои обраќања имаа директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, државната секретарка во Министерството за внатрешни работи, Магдалена Несторовска, директорот на Регионалната иницијатива за миграција и азил (МАРРИ), Сашко Коцев, и заменик-директорот на Центарот за управување со кризи, Зеќир Јакупоски. На настанот се дискутираше за научените лекции од бегалската криза, за потребата од понатамошно зајакнување на соработката и координацијата, а се разменуваа и стекнатите знаења.

Извештајот е подготвен во рамките на проектот „Помош на рутата – обезбедување и заштита на бегалците и мигрантите што транзитираат низ Македонија и Србија“, поддржан од Европската Унија, а имплементиран од страна на Фондацијата „Ана и Владе Дивац“ од Србија, во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Новосадскиот хуманитарен центар и Здружението на самарјански работници (АСБ) – Србија.

Во Извештајот се опфатени состојбите со бегалската криза во Република Македонија во текот на 2018 година од повеќе аспекти. Некои од темите обработени во Извештајот се поврзани со работењето на транзитните кампови, условите и третманот што ги добиваат бегалците и мигрантите во нив, текот на нелегалната миграција и изолирани инциденти, како и носењето и спроведувањето на националните политики и законските решенија поврзани со мигрантите и бегалците, а воедно во Извештајот се реферира и за општествено-политичките случувања во земјата кои оставија свој печат врз динамиката на бегалската криза во Република Македонија.

Една компонента од проектот претставуваше поврзувањето на 24 граѓански организации од Македонија и од Србијa во мрежа за регистрирање на прекршувањата на правата на бегалците и мигрантите и обезбедување на нивна поголема заштита, во која, покрај четирите партнерски организации имплементатори, учествуваат и 5 граѓански организации од Македонија и 15 од Србија. Секоја од овие организации дејствува во рамките на својот мандат и обезбедува разни услуги за заштита на правата на бегалците и мигрантите. Меѓу нив се Црвениот крст на Република Македонија, „Легис“, „Отворена порта“, Регионалниот центар за одржлив развој – Гевгелија, НВО „Граѓански развој“ (Ваксинце). Податоците и наодите Извештајот се должат на нивните известувања.

Интегралниот текст на Извештајот е достапен на следниот линк.

М.В