/ Прочитано:

2.546

Повеќето од магистрите и докторите на наука се жени – Државниот завод за статистика објави податоци од областа на науката и образованието

Државниот завод за статистика објави податоци за број на докторирани и магистрирани лица за 2016 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година звањето доктор на науки го стекнале 197 лица, што претставува намалување за 19.9% во споредба со 2015 година.

Најголем број од лицата докторирале во областа на општествените науки, 36.5%, потоа на медицинските науки, 19.3%, следуваат хуманистичките науки со 18.3%, додека другите лица докторирале во областа на техничко-технолошките, природно-математичките и биотехничките науки.

Бројот на жени што одбраниле докторска дисертација во текот на 2016 година изнесува 111 кандидати, што претставува 56.3% од вкупниот број лица кои докторирале во 2016 година.

Од вкупниот број докторирани лица, најголем процент, 32.5%, својата професија ја вршат во образовната дејност.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година, звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 2 021 лице од кои 1 881 или 93.1% се магистри и 140 или 6.9% се специјалисти. Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2015 годинa, е намален за 17.2%.

Учеството на жените магистри во вкупниот број лица кои стекнале научен степен магистер на науки, во 2016  година изнесува 58.9%. Во 2016 година, најголем број од магистерските трудови, 1 198 или 63.7%, се од областа на општествените науки, 20.9% се од областа на техничко-технолошките науки, а преостанатите се од областа на хуманистичките, природно-математичките, биотехничките и медицинските науки.

M.В