/ Прочитано:

1.846

ПОВЕЛБА И НАЧЕЛА ЗА ЕВРОПСКИТЕ АДВОКАТИ: Лојалноста кон клиентот е сржта на адвокатската улога – нема доверба без гаранција за доверливоста

„Улогата на адвокатот, без оглед дали е ангажиран од поединец, од корпорација или од држава, е улога на советник и застапник од доверба, професионалец кој ужива почит од трети лица, и неопходен учесник во праведното делење правда“, се вели во Повелбата за основните начела на европската правна професија донесена од Советот на адвокатските комори и друштва на Европа.

akad 4

Коментарот кон Повелбата на Советот на адвокатските комори и друштва на Европа за клучните начела на европската правна професија ја опишува улогата на адвокатот на следниов начин:

„Улогата на адвокатот, без оглед дали е ангажиран од поединец, од корпорација или од држава, е улога на советник и застапник од доверба, професионалец кој ужива почит од трети лица, и неопходен учесник во праведното делење правда. Олицетворувајќи ги сите овие елементи, адвокатот, кој верно им служи на интересите на својот клиент и кој ги штити неговите права, истовремено ја извршува функцијата и на адвокат во општеството – а таа е: да пресретнува и да превенира конфликти, да се грижи конфликтите да се решаваат во согласност со прифатените начела на граѓанското, јавното и кривичното право и со должно почитување на правата и интересите, да го унапредува развивањето на законите и да ги брани слободата, правдата и владеењето на правото”.

Понатаму,  како дел од Повелбата, во Кодексот на Советот на адвокатските комори и друштва на Европа, кој се однесува на однесувањето за европските адвокати, се определуваат повеќе начела посветени на постапувањето и однесувањето на адвокатите. Тоа се начелата за: независноста  на адвокатот, почитувањето на тајноста на предметот, избегнувањето на конфликтот и судирот на интереси, достоинството на адвокатот, лојалноста кон клиентот, стручната оспособеност, почитувањето на колегите и независноста на професијата, како и правичниот третман на клиентот и почитувањето на владеењето на правото.

Независност на адвокатот и слобода на адвокатот да постапува во предметот –Адвокатот треба да биде политички, економски и интелектуално слободен во извршувањето на своите професионални должности, во советувањата и во застапувањето на клиентите. Тоа значи дека адвокатот треба да биде независен од државните и од другите центри на моќ, но и од неадекватниот притисок на деловните соработници.

Право и должност на адвокатот е да ја заштити тајноста во предметот доверен од клиентот и да ја почитува професионалната тајна – Суштината на адвокатската професија и функција е дека клиентите на адвокатот му го доверуваат и му го откриваат она што не би им го рекле на другите – најинтимните лични податоци или највредните деловни тајни. Адвокатот треба да ги добива овие информации врз основа на довербата. Нема доверба без гаранција за доверливоста. Тоа не е само должност на адвокатот, туку е и основно човеково право на клиентот.

Избегнување на судирот на интереси меѓу различни клиенти или меѓу клиентот и адвокатот  – За да ја извршува прописно својата професија, адвокатот мора да го избегнува судирот на интереси. Значи, адвокатот не треба и не може да застапува двајца клиенти во ист предмет доколку постои конфликт или доколку адвокатот е во конфликт со клиентот.

 Достоинство и чест на професијата, интегритет и добар углед на адвокатот- За да има почит од страна на клиентот, од трети лица, од судовите и од државата, адвокатот мора да покаже дека е вреден за таа доверба, а тоа се постигнува на тој начин што адвокат не смее да чини ништо што би му наштетило на личниот углед, на репутацијата на професијата во целина и на довербата на јавноста во професијата. Нечесното однесување доведува до санкции против адвокатот и во најтешките случаи до исклучување од професионалната организација.

Лојалност кон клиентот – Лојалноста кон клиентот е сржта на адвокатската улога. Клиентот мора да биде во можност да му верува на адвокатот како на свој советник и застапник. За таа цел адвокатот мора да биде независен, да го избегнува судирот на интереси и да ја чува довербата на клиентот.

Правичен третман на клиентот во однос на надоместоците – Надоместокот кој се наплаќа од клиентот мора да биде потполно транспарентно предочен и мора да биде правичен и разумен, законит и според правилата на професијата.

Стручна оспособеност на адвокатот – Само по себе е јасно дека адвокатот не може ефикасно да советува или да застапува клиент ако нема соодветно професионално образование и обука. Правилата на професијата говорат дека адвокатот не смее да земе случај ако не е надлежен за решавање на случајот.  Во последно време, континуираното професионално образование доби акцент како одговор на брзата динамика на измените на законите, во праксата, но и во технолошкото и економското опкружување.

Почитување на колегите – Ова начело е повеќе од потребата за љубезност, иако и тоа е важно во многу чувствителни и спорни прашања во кои се често вклучени адвокатите во име на нивните клиенти. Адвокатите треба да постапуваат во согласност со професијата и со начелата на струката бидејќи правилното функционирање на правосудството бара од нив да се однесуваат со почит и во добра вера еден кон друг.

Начело на почитување на владеењето на правото и на правичното судење – Адвокатот никогаш не смее свесно да дава лажни информации пред судот, ниту, пак, да лаже трети страни во извршувањето на своите професионални активности. Овие забрани често се во спротивност со непосредните интереси на клиентите што ги застапува адвокатот и со непосредните интереси на правдата, и тоа претставува деликатен проблем за чие решавање адвокатот е професионално обучен.

Начело на самостојност на професијата – Една од одликите на неслободните општества е кога државата, отворено или прикриено, ја контролира правната и адвокатската  професија.  Само силниот елемент на саморегулација може да гарантира независност на адвокатската професија  во однос на државата. Без независноста адвокатите не можат да ги вршат своите професионални и законски улоги.

М.В