СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Повик за користење на финансиски средства за руралните средини
Понеделник, 3 јуни 2013 – Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој објави повик за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2013 година.
Финансиските средства се дел од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој и се наменети за инвестиции во локалната патна инфраструктура за поврзување меѓу две или повеќе села во должина до 5 километри, за поврзување села со регионален пат или со населено место – град во должина до 7 километри и за обезбедување на телекомуникациска инфраструктура во села до 500 жители.
Парите се наменети и за инвестиции во водоснабдителни и канализациски системи во села до 1.500 жители, инвестиции во објекти и опрема за организирање продажба на земјоделски производи и жив добиток во рурални средини, како и за инвестиции во објекти и опрема за детски, младински и пензионерски културни центри или клубови во селата.
Еден корисник може да поднесе едно барање за користење на поддршката од оваа програма. Eдиниците на локалната самоуправа после потпишување на договор за финансиска поддршка со АФПЗРР, обврзани се да спроведат тендерска постапка за планираната инвестиција во согласност со Законот за јавни набавки.
Условите кои треба да ги исполнуваат барателите на средства се утврдени во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2013 година, Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој и Правилникот за поблиските дополнителни услови за поддршката од мерките за рурален развој, прифатливите трошоци и висината на поддршката за прифатливите трошоци по корисник за поединечна мерка.
Барателите кои ги исполниле условите за користење на средства за мерките се рангираат со бодување утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој.
Образецот – Барање за користење на средства заедно со листата на потребни документи и Упатството за корисниците може да се подигне на веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk, и во најблиските регионални центри или работни единици на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.
Обрасците исто така може да се подигнат и директно во Агенцијата на адреса: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој бул. „ 3-та Македонска бригада“ бр.20 (зграда на Македонија Табак блок Ц ) 1000 Скопје.
НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИТЕ
Пополнетите барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2013 година на македонски јазик заедно со целокупната потребна документација се доставуваат во затворен плик со назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол “НЕ ОТВАРАЈ“ за Јавен повик број 02/2013 и назначување на бројот на мерката/под-сектор за која се поднесува барањето. Барањето може да се достави по препорачана пошта или лично во писарницата на Агенцијата. Крајниот рок за доставување на барањата 03.07.2013 година. Барањата доставени по предвидениот рок нема да бидат разгледувани, посочуваат од Агенцијата.