/ Прочитано:

1.078

Повик за придонес на граѓанските организации кон полугодишниот извештај за Стратегијата за реформа на јавната администрација

Министерството за информатичко општество и администрација во моментов работи на првиот полугодишен извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација, усвоена од Владата во февруари оваа година.

„Во согласност со Стратегијата, Министерството за информатичко општество е надлежно за подготвување на полугодишни и годишни извештаи за степенот на спроведување на мерките и активностите и постигнување на планираните резултати утврдени со Стратегијата и Акцискиот план. Извештаите ќе се подготвуваат врз основа на информациите и податоците од следењето на спроведувањето на мерките и активностите доставени од страна на надлежните водечки органи/институции утврдени во Акцискиот план“, велат од МИОА.

Извештајот ќе ги опфати првите два квартали од 2018 година (јануари – јуни) и ќе известува за активностите со рок за спроведување до крајот на вториот квартал, како и за активностите кои отпочнале во првиот и вториот квартал, но се со рок на извршување во третиот или четвртиот квартал.

Во вториот случај, посочуваат од МИОА,  ќе се известува дали активностите течат во согласност со предвидената динамика и дали може да се очекува дека ќе се спроведат во рокот.

За обезбедување квалитетен извештај, инклузивен и транспарентен процес на подготовка, уште во фазата на подготовка на СРЈА заедно со граѓанските организации беше одлучено тие активно да бидат вклучени во сите фази од спроведување на СРЈА.

„Со таа цел, МИОА упатува повик до граѓанските организации кои спроведуваат активности поврзани со следење на активностите предвидени со Акцискиот план на Стратегијата за доставување придонес кон првиот полугодишен извештај во однос на согледувањата, информациите и податоците за степенот на спроведувањето на активностите од Акцискиот план.

Придонесот во електронска и хартиена форма треба да се достави до Министерството за информатичко општеството и администрација, најдоцна до 17 август 2018 година на следната е-адреса: amina.shkrielj@mioa.gov.mk“, информираат од МИОА.

М.В