/ Прочитано:

650

Повикувањето на одговорност за изразено „негативно мислење“ е спротивно на сите демократски практики

Дефиницијата за навреда не смее да содржи ,,негативно мислење”

Во предлог законот за клевета и навреда, во моменталната верзија, во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење“. Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување.

ЗНМ бара ова, во дефиницијата за навреда соодветно да се коригира на начин што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година која, во тоа време, беше позитивно оценета и од ОБСЕ и Советот на Европа.

Иако во локалната судска пракса предметите кон медиумски работници се пред се за клевета и речиси да нема за навреда, ваквата дефиниција доколку не се измени може да поттикне во иднина бран на тужби кон новинарите само за искажано мислење што во основа е спротивно со начелата на слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните.

Текстот на овој Предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета е во фаза на прво читање во Собранието од јули 2021 година. Истиот текст предвидува значително намалување на нематеријалната штета за новинарите и медиумските работници како барање што ЗНМ претходно го имаше кон Министерството за правда.

Повикувањето на одговорност за изразено „негативно мислење“ е спротивно на сите демократски практики

Во врска со Предлог-Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој е во прва фаза на читање во Собранието на РСМ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги потенцира дека повикувањето на одговорност за изразено „негативно мислење“, на начинот на којшто е дефинирано, е спротивно на сите демократски практики и може да предизвика медиумско самоцензурирање.

Можноста за санкционирање поради искажано негативно мислење остава простор за злоупотреба и казнување на медиумските професионалци. Новинарите се гласот на јавноста и тие честопати при вршење на својата работа упатуваат критика за одредени политики или појави во општеството и на тој начин поттикнуваат јавна дебата и придонесуваат за поголема одговорност, отчетност и транспарентност на претставниците на власта.

Правото на слобода на изразување е уставно загарантирано право и истото е гарантирано и со Европската конвенција за заштита на човековите права. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт

Министерството за правда целосно ги поддржува новинарски слободи

Министерството за правда ја информира јавноста дека формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа.

Министерството за правда целосно ги поддржува новинарски слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање.

М.В