/ Прочитано:

1.216

Повлечени предложените измени на Законот за јавните собири

„Владата на Република Северна Македонија ги слушна забелешките на граѓанските организации за најавените предлог-измени на Законот за јавни собири и на денешната 164. седница одлучи да ги повлече предлог-измените со цел да се обезбеди поширока консултација.

Владата смета дека има простор за разговори и за подобрување на содржината со цел овозможување слобода на изразување на став на јавни простори низ јасно утврдени регулативи и исклучиво во согласност со Уставот на РСМ“, соопштуваат од Владата.

Инаку во Предлог-законот за јавните собири се предвидуваше дека за јавен собир се смета собирање на повеќе од 50 граѓани на отворен или затворен простор заради остварување на забавни, културни, верски, хуманитарни, социјални, политички, економски, спортски или слични интереси на граѓаните, организирани заради јавно изразување на мислење или протест.

Во постојниот закон се пропишува дека  под јавни собири на повеќе од 20 граѓани се смета собирање на отворен или затворен простор заради остварување на забавни, културни, верски, хуманитарни, социјални, политички, економски, спортски или слични интереси на граѓаните, организирани заради јавно изразување на мислење или протест.

Со новиот Предлог-закон се предлагаа измени и во делот кој се однесува на местата на одржување на јавен собир. Па така собир не можеше да се организира во седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, како и резиденцијалните и репрезентативните објекти и околниот простор што им припаѓа на органите на државната власт на Република Северна Македонија; во седиштата на странски дипломатско-конзуларни претставништва и нивни резиденции и  во објекти и простори кои се од посебно значење и интерес за безбедноста на Република Северна Македонија.

М.В