Повлекување на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната и измени на ЗКП бараат граѓанските организации
Во Предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи, покрај повлекување на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната и измени на ЗКП, се бара и повлекување на Законот за Советот за утврдување факти и покренување постапка за утврдување одговорност за судија и измени и дополнувања на Законот за заштита на сведоците.
Во однос на реформите во правосудството, граѓанските организации предлагаат и формирање работна група за преиспитување, ревидирање или повлекување на Законот за заштита на приватноста, зајакнување на независноста на Судскиот совет на Република Македонија и зајакнување на независноста на Советот на јавните обвинители.
Потребно е и, истакнуваат граѓанските организации, воспоставување нов модел на Судскиот совет во насока на депрофесионализација на неговите членови и овозможување тие да продолжат да ги извршуваат судските должности, односно да ја извршуваат својата работа како професионалци во одредени области во правната професија.
Граѓанските организации предлагаат и зајакнување на веќе воспоставените критериуми за назначување на членови во Советот на јавните обвинители од страна на Собранието (четири членови) од редот на истакнатите правници и зајакнување на моделот на надзор и контрола над функционирањето и имплементацијата на АКМИС.
Исто така, граѓанските организации предлагаат и воспоставување специјализирано судско одделение во рамките на Основен суд Скопје 1 кое ќе постапува по предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), продолжување на рокот за натамошно покренување обвиненија до СЈО во однос на предметите што произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите и овозможување непречен пристап до материјалите по барањата на СЈО.
Потребна е и, додаваат организациите, доследна примена на законски утврдениот процентуален износ од буџетот наменет за Судскиот буџетски совет и преоценување (реевалуација) на носителите на правосудните функции, вклучително и на постојните членови на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители.
Граѓанските организации предлагаат и воспоставување модел на преоценување на носителите на правосудните функции, вклучително и на постојните членови на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители, но и формирање истражни центри на Јавното обвинителство, во согласност со член 45 од ЗКП.
Воедно, граѓанските организации предлагаат и законски измени во насока на избор на нов директор и членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), менување и унапредување на критериумите во АСЈО за прием на слушатели на иницијална обука, како и во однос на избор на обучувачи и воспоставување практика на носење одлуки со полна надлежност од страна на Управниот суд и одржување усна јавна расправа во случаите кога е тоа неопходно.
Граѓанските организации со предлози за итните демократски реформи
М.В