Повратниците во Македонија и нивната реинтеграција во општеството
Реинтеграцијата е важна не само од аспект на обезбедување социјални услуги за ранливите групи, туку и превенција на повторна миграција. Креаторите на политиките ги имаат препознаено предизвиците со кои се соочуваат повратниците откако ќе се вратат во Македонија, како што се социјална исклученост, маргинализација и сиромаштија.
Земјите членки на Европската Унија секојдневно се соочуваат со голем број барања за азил кои ги поднесуваат илјадниците бегалци и мигранти, но не помал е и бројот на баратели на азил кои се државјани на некои од земјите од Западен Балкан. Според истражувањето на „Аналитика“, ситуацијата е многу покомплексна особено по визната либерализација. Mеѓу оние кои бараат азил, како што вели Магдалена Лембовска, истражувач во „Аналитика“, има и државјани на Република Македонија, нагласувајќи притоа дека голем дел од нив повторно се вратени во земјава. Она што е најважно, кога станува збор за овој реален проблем со кој се соочуваат земјите, а меѓу нив и Македонија, појаснува Лембовска, е начинот на реинтеграциција на повратниците во општеството.
„Кога проблемот со злоупотреба на визната либерализација се појави за прв пат, државните власти беа одлучни да се справат со него. Досега фокусот беше, пред сè, на репресивни мерки, како што се построга гранична контрола или кривично гонење на оние кои ја овозможуваат нерегуларната миграција. Сепак, многу малку е направено во однос на реинтеграција на повратниците. Реинтеграцијата е важна не само од аспект на обезбедување социјални услуги за ранливите групи, туку и превенција на повторна миграција. Креаторите на политиките ги имаат препознаено предизвиците со кои се соочуваат повратниците откако ќе се вратат во Македонија, како што се социјална исклученост, маргинализација и сиромаштија“, истакнува Лембовска.
Во согласност со реадмисионите договори, уште во 2010 година, Владата на Македонија усвои Програма за помош и поддршка при реинтеграција на повратници во Република Македонија. Во согласност со програмата, предвидено е креирање на координативно тело за повратници кое ќе ја следи состојбата.
„Уште поважно, беше предвидено воспоставување на национален центар и најмалку два локални центри за реинтеграција на повратниците кој ќе биде екипиран со правници, социјални работници, психолози и доктори. Одговорностите на овие центри за реинтеграција вклучуваат не само регистрација и евиденција на повратниците и издавање потврда за статусот на повратник (потребна за остварување на нивните права и обврски), туку исто така и бесплатна правна помош и советување, информации за постојните права и обврски, подготовка на годишни акциски планови со активности за реинтеграција итн. Сепак, на оперативно ниво се спроведува многу малку од тоа и забележани се предизвици во секој од четирите основни чекори на реинтеграција: правна помош, социо-економска поддршка, здравствени услуги и образование“, вели Лембовска.
Според неа, првиот проблем со кој се соочуваат повратниците кога ќе се вратат во Македонија е проблемот со личната документација. Иако речиси сите ја напуштиле земјата по легален пат и со легитимни патни исправи, како што нагласува Лембовска, некои од нив ги оставиле своите документи во странство, особено во случаи на депортација кога се под притисок и имаат многу малку време да се спакуваат. А поседувањето лична документација е основен предуслов за да се добие пристап до услугите како што се социјална помош, здравствена заштита, образование итн.
„Во Програмата за реинтеграција на повратниците беше планирано повратниците да добијат потврда за статус на повратник која ќе можат да ја користат за административни цели додека не им бидат издадени личните документи. Сепак, во практиката, повратниците не добиваат никаков документ кој го потврдува нивниот статус. Што се однесува до другата документација (здравствена картичка, признавање дипломи итн.), не постои организиран систем за правна помош кој ќе им помага. Друг проблем е тоа што голем број повратници, особено оние што доброволно се вратиле во Македонија, не го пријавуваат својот статус пред надлежните органи поради страв од можни последици. Ова особено се случува доколку тие користеле помош од фацилитатори или организирани групи, што може да повлече кривична одговорност. Откако ќе обезбедат лична документација, следниот чекор е остварување на правото на социјална заштита како месечна финансиска поддршка во согласност со Законот за социјална заштита“, потенцира таа.
Проблем претставува и тоа што повратниците не се препознаени како посебна категорија на која треба да ѝ се обезбеди социјална заштита, па во овој контекст, не се предвидени конкретни социјални услуги кои директно ќе ја таргетираат оваа група граѓани. Единствено доколку ги исполнуваат условите, може да се пријават за социјалните услуги кои се достапни и за другите категории граѓани. На повратниците во Македонија голем товар им претставува и интеграцијата во образовниот систем. Според последните проценки, половина од повратниците треба да се интегрираат во основното или средното образование.
„Програмата за реинтеграција предвидува дека по регистрацијата, повратниците треба да пополнат прашалник кој ќе вклучува прашања за нивното претходно образование, со цел да им се обезбедат информации за постојните образовни можности. Сепак, со оглед на тоа што повратниците не поминуваат низ никаков процес на регистрација, особено во случај на доброволно враќање, не добиваат ваков тип услуги. Главниот проблем со кој се соочуваат повратниците по нивното враќање е интеграција во образовниот систем кога децата не го зборуваат македонскиот јазик, имаат проблеми со признавање на дипломите или не поседуваат документи за своето претходно образование. Исто така, треба да се има предвид дека овие деца поминале низ трауми поради нивната депортација, брзо менување на средината итн., така што постои потреба од психолошка поддршка и социјализација“, вели Лембовска.
Исто така, Националната програма за реинтеграција предвидува и оценка на целокупната здравствена состојба на повратниците и нивните семејства која треба да биде спроведена по нивното прифаќање во центрите за реинтеграција, што вклучува оценка на нивната физичка и психичка состојба и регистрација на сите релевантни информации за претходни здравствени проблеми и интервенции. Покрај тоа, стратегијата предвидува пакет за примарна здравствена заштита за повратниците во траење од најмногу 60 дена, сè додека не обезбедат здравствено осигурување. Но, Лембовска нагласува дека во практиката, со оглед на фактот дека прифатните центри не функционираат, повратниците не добиваат никаков првичен преглед или пак здравствена заштита.
„Откако ќе се регистрираат како невработени лица во Агенцијата за вработување, имаат право на здравствено осигурување, како и сите други граѓани. Друг проблем претставува здравственото осигурување на децата родени во друга земја, без изводи на родените и во тој случај, тешко е да се добие пристап до примарна здравствена заштита“, вели Лембовска.
Според неа, едно од најважните прашања кои се однесуваат на овој проблем е тоа што нема јавно достапни информации за статистички податоци за баратели на азил и повратници во Македонија. Проблемот со недостигот на информации, вели Лембовска, е препознаен во Програмата за реинтеграција и е особено забележлив во однос на доброволните враќања, при што документот се потпира врз статистички податоци добиени од Меѓународната организација за миграции.
„Ова е особено проблематично со оглед на тоа што статистичката анализа треба да биде првиот чекор за разбирање на повратниците како целна група и развој на соодветни програми и мерки. Оттука, Министерството за внатрешни работи треба да биде одговорно за собирање и објавување на податоци за ова прашање. Исто така, треба да постои систем за размена на информации меѓу Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална заштита и училиштата, со цел секој од чинителите да може да придонесе за подобра интеграција на повратниците во согласност со нивната надлежност“, вели Лембовска.
А. Б.